Мицкоски бара неговите градоначалници да се откажат од привилегиите и да почнат со капиталните проекти
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес - конференција изјави дека градоначалиците треба да ги засукаат ракавите и да ги решаваат проблемите на граѓаните.
Тој вели дека дел од општините се презадолжени и има злоупотреба на ресурсите, има луѓе кои земале плата, а не оделе на работа.
„Потребен е максимален ангажман за да се реализира ветеното“, рече Мицкоски.
Вели дека ќе побара од градоначалниците да почнат со најмалку три капитални проекти од инфраструктурата. Бара да се откажат од привилегиите кои во минатото нивните претходници ги злоупотребувале. Повика и другите градоначалници да го сторат тоа, иако не се од нивната партија или коалиција. Да не злоупотребуваат службени возила, да не плаќаат ручеци со општински пари и слично.
„Како трето побарав да излезат меѓу граѓаните и заеднички да ги решаваат нивните проблеми. Нашето место не е во удобните фотелји, туку меѓу народот“, кажа Мицкоски.
Тој вели дека она што го зборуваат, треба да го спроведат на дела. Порача дека градоначалниците не смеат да ги изневерат граѓаните, затоа што Македонија е во сериозна криза. Мицкоски вели дека ако градоначалниците работат, граѓаните ќе знаат тоа да го ценат. Изјави дека народот е стопан во Македонија.
