Мицкоски: АР и АНБ ги користеле државните ресурси и ме прислушкувале
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во минатото двете агенции, односно Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ги користеле државните ресурси за да го преслушкуваат него, но и бизнисмени и новинари.
„Јас не би можел да зборувам за деталите, претпоставувам и директорот ќе го каже тоа, бидејќи тоа е државна тајна и така се класифицирани тие документи. Но, едно е факт, дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и АНБ темелно се занимавале со во тоа време претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со бизнисмени и со новинари. Така што еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме обвинителството што ќе каже, судиите нормално во еден судски процес. Јас сум навикнат, еве истекува осмата година како сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигаа до нас информации што сè се случува“, изјави Мицкоски.
Мицкоски вели дека станува збор за луѓе полусвет, којшто немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, па се занимаваат со туѓите животи мислејќи дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба и ќе напредуваат во кариерата.
