Мицкоски: Ако ве предадам, убијте ме
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на протестниот марш во Кичево не изнесе децидни детали дали ќе го поддржи референдумот на 30 септември или не, но спомена отпор и теза дека политичките партии не треба да одлучуваат за важни национални прашања. Најверојатно со тоа тој сака да ја дистанцира својата партија од важни и одговорни прашања за иднината на земјата, односно потенцираше дека не е подготвен да превземе крупни одлуки.
- Ќе завршам со еден познат цитат„ Ако водам, следете ме. Ако се двоумам, поттурнете ме. Ако ве предадам, убијте ме“ - рече на крајот Мицкоски од Кичево.
Наведе дека договорот е капитулантски и дека СДСМ му врши притисок на ВМРО-ДПМНЕ со сила да се изјасни по тоа прашање.
- Тој е со штетни последици, а они викаат сум се пазарел за истиот. Навиваат да се истрчаме, да влеземе во замките кои секојдневно ни ги поставуваат. Ние не се осудуваме да бидеме господари на илјадници македонски генерации. Извадете го ВМРО од устите и не ги споменувајте тие четири свети букви. Кој е Христијан Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави, кој ми го дал тоа право. Јас сум слуга на мојот народ, а не господар - говореше Мицкоски.
„Да седиме и да слушаме како оваа клептоманска власт мисли дека не лаже со празни фрази за поголеми плати. Ги издробија сите демократски институции макотрпно со години создавани. Велат само што не не довеле пред портите на рајот, сакаат да гледате во некоја нивна замислена иднина. Нема тоа да го дозволиме. Ние сме тие кои треба да одлучиме даи сакаме да бидеме вовлечени во ова сценарио. Дали ќе им дозволиме да не убедат дека политиката не е ништо друго освен пазар? Нема да им дозволиме да ги спроведат своите погрешни идеи. Затоа е потребен сенароден отпор. Следете ме во борбата во која сме длабоко загазени. Не ни оставија друга можност. Таа борба нема да биде лесна, ниту била лесна. Но ви ветувам дека кога се ќе заврши, нашето знаме, малку поткинато од борбата, високо ќе се вее. Економската слобода е фундаментална. Кога ќе ја составиме идната влада на РМ е да биде економско ослободување на народот. Се закануваат со затвори, пуштаат криминалци на слобода, нема да ви дозволиме да го контаминирате чесниот македонски народ. Нема партиите да одлучуваат за национални прашање, туку народот ќе одлучи. Времето на самозамислени владетели завршува. Тоа ви го гарантирам“, гласеше неговиот говор во Кичево.
