Мицкоски: Ако не направиме стратегија, Македонија ќе биде територија на духови
„Билатералните проблеми постојат од денот на осамостојување на Македонија и траат до денес. Од кога почнав да се занимава со политика, тврдам дека на ова наше македонско прашае му е потребна енергија.
На овој ден ќе иницирам еден проект со универзитетската заедница и МАНУ - Стратегија до 2050 година, со кој ќе се дефинираат приоритетите - економските, демографските, енергетски, транспортен развој и земјоделие. Тоа да биде новата парадигма на современата држава. Мора да поставиоме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк политички консензус“, најави Мицкоски.
Тој предупреди дека за 70 години ќе има малубројно работоспособно население, а земјата практично ќе биде територија на духови, доколку не се преземе и не се испланира нешто.
„МАНУ беше насочен само кон своите индивидуални проекти, а сега треба да се насочат кон целите. Науката не треба да се етнизира, на граѓаните им е потребна стратегија, а не водење на држава ден за ден. Да ги соберам, да се опкружам со најдобрите и да одиме сите заедно напред. Луѓе сме, знаеме понекогаш и да погрешиме, но уште повеќе грешно ќе биде ако не се коригираме. Во следните 70 години сме на добар пат да исчезнеме - зошто никој не ја отворил оваа дебата до сега.
Населението кое се иселува е работоспособно. Како ќе издржи таква држава во која помалку од половина ќе работат. Размислил ли некој за демографијата, емиграцијата и наталитетот. Дајте да дефинираме што е најважно и да одиме напред. Ние како влада имаме програма и стратегија, но искрено се сомневам дека има многумина кои размислуваат на овој начин,. Ги слушам нашите политички противници кои ќе кажат овој го призна Преспанскиот договор, кажа Северна, не кажа Северна. играјќи на картата на кратко помнење на македонските граѓани. Но јас имам одговор за нив. Ајде да се обединиме и да носиме заеднички одлуки за иднината. Затоа јас им велам дека секој ваш предлог кој е конструктивен ќе го прифатиме.
Времето веќе не работи за нас, времето како изминува работи против нас, мора да се менуваме, да се реформираме, да се подобруваме од ден на ден, час во час. Ако не е така, ќе бидеме само територија полна со духови и крстосница на шверцери на емигранти“, рече шефот на Владата.
