Мицкоски – Кошта: Македонија заслужува достоинствен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Минхен се сретнал со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. На средбата Мицкоски истакнал дека Македонија останува посветена на европскиот пат и реформите, но оти заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.
„Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите кои ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања. Нашата Влада работи на суштински реформи: владеење на правото, борба против корупцијата, економска стабилност и подобар животен стандард за граѓаните. Европската иднина не е само политичка цел, таа е избор за подобра држава“, потенцирал на средбата премиерот Мицкоски.
Ветува дека ќе продолжат да работат одговорно и чесно.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
