Мицкоски добил поддршка од Јанша, му се пожалил за назадувањето на државата
Мицкоски ја стартуваше регионалната турнеја на посети со Словенија каде оствари средба со екс словенечкиот премиер Јанез Јанша. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обид да ги зајакне врските на неговата партија меѓу државите кои ни се блиски истакнал дека во Македонија се случува големо политичко и економско назадување за што ја обвинува новата власт на премиерот Зоран Заев.
На средбата во Љубљана се разговарало за повеќе актуелни теми, врзани за можностите за меѓу партиска соработка, актуелната политичка состојба и стратешките интереси на државата врзани со членството во НАТО и ЕУ.
„Република Македонија мора да оствари реален напредок во поглед на европските интеграции, притоа потребно е да престане праксата на гол популизам на владата без суштински реформи во клучните области. Потребно е ангажирање на севкупните капацитети за остварување на реален напредок кој мора да биде вреднуван и од кој најмногу корист ќе имаат самите граѓани“, посочи Мицкоски.
Соговорниците позитивно ги оцениле меѓупартиските односи, и изразиле подготвеност за нивно дополнително интензивирање во периодот кој престои.
