Мерко и Нефи Усеини казнети за спомен плочите во Струга и Охрид
Глоба е изречена за „Нефи Ик”, градежна фирма на Нефи Усеини, која ја оштети и отстрани спомен – плочата на Охридскиот судски процес во кој на 26 и 27 ноември 1941 година, беа осудени со казна затвор и смртна казна, група комунисти, поради организирање вооружено востание на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор.
Ова денеска го соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која вечерва објави дека плочата треба да биде вратена на своето место.
„Спомен плочата во Охрид ќе биде вратена во првобитната состојба, изречена е мерка наредба од страна на инспекцијата при Министерство за култура.
Инспекторите за култура извршија вонреден инспекциски надзор по повод отстранувањето на спомен-обележјето на осудени лица од фашистичкиот окупатор во 1941 година, при што се констатирани прекршоци и на сторителите им се изречени законски глоби, согласно одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата“, напиша министерката.
Костадиновска Стојчевска додаде дека казнет е и Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга, за поставување на спомен плоча на албански јазик за величење на акт од 1941 кој се смета за фашистички.
„Дополнително извршен е и инспекциски надзор во Општина Струга за поставувањето на спомен-плоча за основно училиште „Битолски конгрес“ во 1941 година и за градоначалникот, кој е надлежен за истата и е изречена законски утврдена глоба.
Заштитата на културното наследство мора да е приоритет на сите и грижата да биде заедничка, и на централно и на локално ниво. Апелирам на поголема совесност од секој поединец кон културните и историски споменици, во спротивно негрижата и дејствијата во насока на нивно уништување ќе бидат соодветно казнети“, објави министерката.
Слично
