Мерки за претпазливост за тројцата осомничени за нападот врз малолетник во Ченто
Основниот кривичен суд ги прифатил предложените мерки за претпазливост за тројцата осомничени за нападот врз 14-годишно момче во скопската населба Ченто.
Осомничените добиле забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган, како и привремено одземање на патните исправи. Судот им забранил и да го посетуваат местото на настанот, како и да се приближуваат или да воспоставуваат контакт со повреденото дете и со неговите родители.
Од Обвинителството информираат дека постапката продолжува со прибирање докази. Наредено е да се обезбеди целата медицинска документација, а се очекува и медицинското вештачење, од кое ќе зависи натамошниот тек на постапката.
Нападот се случил на 22 јуни во Ченто, а кривичната пријава била поднесена неколку дена подоцна. Случајот засега се води како насилство, но обвинителот може да ја промени правната квалификација доколку доказите и вештачењата покажат основ за потешко кривично дело.
Родителите на повреденото момче јавно реагираат и бараат случајот да се третира како обид за убиство. Тие тврдат дека нападот бил многу посериозен од квалификацијата под која во моментов се води предметот.
