Мерцедесот ќе поседи во гаража додека не заврши судењето за „Тенк“
На денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски изјави дека нема никакви правни пречки мерцедесот од 600 илјади евра да биде продаден, но, за да се спречи било каква можност обвинетите во случајот „Тенк“ на СЈО да се обидат да избегнат одговорност, Владата одлучила да ја запре постапката за продажба на возилото.
Бошњаковски додаде дека „мерцедесот“ е конзевиран, извршено е вештачење и се наоѓа во депо на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
„СЈО имаше дирекнта изјава во јавноста дека „мерцедесот“ може да се откупи. Но, сакаме да исклучиме било каква можност за избегнување на одговорност и изговори од обвинетите во случајот. Додека не заврши судскиот процес мерцедесот ќе остане во гаража“, вели Бошњаковски.
Тој дополни дека засега не се знае дали мерцедесот ќе се користи за странски делегации, но, беше категоричен дека во него ниту се возеле, ниту ќе се возат членови на Владата.
За набавката на мерцедесот обвинети се поранешниот премиер, Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.
СЈО го товари Груевски за примање награда за противзаконито влијание, додека Јанкулоска и Попоски се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување.
