Мерц очекува пониско царинско оптоварување за Германија откако ќе бидат поништени царините на Трамп
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека очекува царинското оптоварување за германската економија да биде помало по пресудата на Врховниот суд на САД со која се поништи голем дел од трговските царини на претседателот Доналд Трамп.
Мерц изјави за германскиот радиодифузер АРД дека се потребни разговори со Вашингтон пред германските компании да добијат надомест од милијарди, додавајќи дека земјите од Европската Унија ќе се координираат тесно пред претстојното патување на Мерц во Соединетите Американски Држави.
„Ќе имаме многу јасен европски став за ова, бидејќи царинската политика е прашање на Европската Унија, а не на поединечните земји-членки, и јас ќе одам во Вашингтон со координиран европски став“, рече германскиот канцелар, објави Ројтерс.
Врховниот суд на САД во Вашингтон во среда пресуди да поништи широк спектар на глобални царини наметнати од претседателот Доналд Трамп, што е неговиот најзначаен правен пораз откако се врати во Белата куќа.
Судот пресуди со шест гласа наспроти три дека Трамп ги пречекорил своите овластувања кога го искористил Законот за федерални вонредни овластувања од 1977 година (IEEPA) за да воведе реципрочни царини низ целиот свет.
Одлуката има далекусежни последици за трговската политика на САД и глобалната економија, како и за преговарачката стратегија на Соединетите Американски Држави со меѓународните партнери, кои претходно брзо се прилагодуваа на царинските мерки на Трамп и бараа договори за да избегнат финансиски загуби.
Се очекува пресудата да има широки импликации за трговските договори и политики на САД, како и за глобалните пазари, според американските медиуми.
Претходно денеска францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека одлуката на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави за трговските тарифи на претседателот Доналд Трамп покажува дека е добро да има противтежа на моќта и владеење на правото во демократиите.- Не е лошо да се има Врховен суд и, следствено, владеење на правото. Добро е да се има моќ и противтежа на моќта во демократиите, рече Макрон на годишниот земјоделски саем во Париз, одговарајќи на прашања за одлуката на Врховниот суд на САД дека тарифите наметнати од претседателот Трамп според Законот за економска вонредна состојба се нелегални.
Тој додаде дека Франција ќе ги разгледа последиците од новите глобални тарифи на Трамп од 10 проценти и ќе се прилагоди, нагласувајќи оти земјата сака да продолжи да ги извезува своите производи, вклучувајќи земјоделски, луксузни и модни производи и делови за воздухопловната индустрија.
Според Макрон, треба да се размислува смирено и дека најфер правило е „реципроцитет“, а не „потчинување на еднострани одлуки“.
Но, не се знае колку ќе трае „среќата“ на европските лидери со оглед на фактот дека претседателот на САД изјави дека ги зголемува глобалните царини на 15 проценти.
Објавата негова следи само еден ден откако Врховниот суд на САД ги укина неговите претходни царински тарифи од април минатата година.
