Мендух Тачи: Затворската пресуда нема да ме поколеба да му дадеме поддршка на Пендаровски
Првостепената пресуда со казна затвор од три години и два месеци за случајот „Титаник 2“ лидерот на ДПА, Мендух Тачи денеска ја прокоментира како „задоволување на неправдата“. Рече дека ќе се бори за вистината на сите домашни и меѓународни инстанци. Според Тачи, казната му е монтирана од внатрешни и надворешни фактори, со цел да се извлече ДПА од шините што водат кон НАТО и ЕУ.
- Мислам дека овие трикови се направи од внатрешни и надворешни фактори кои се многу заинтересирани да стават камења на шините по кои се движи локомотивата на ДПА со це да излета партијата од таа насока. Ние сме лица со големо искуство, нема да паднеме на овие провокации, ќе останеме на шините на интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ. Знаеме дека оваа идеја му пречи некому - изјави Мендух Тачи, лидерот на ДПА.
Сепак, лидерот на ДПА, вели дека казната до три години и два месеци нема да влијае на одлуката на неговата партија за поддршка на владиниот кандидат за претседател Стево Пендаровски.
Тачи ги даде овие коментари денес за време на проширениот состанок на партијата на кој се зборуваше за случувањата во земјата и за подготовките за претседателските избори.
