Менаџер на казино во Куманово осомничен за обид за убиство
Основното јавно обвинителство Куманово донесе поведе истражна постапка против 32-годишен менаџер на коцкарница за обид за убиство, откако претходно добивал закани и притисоци од коцкар.
„На 8 август, во дворното место на сопствената куќа, осомничениот се обидел да лиши од живот друго лице. Осомничениот, менаџер во казино, пред да му заврши смената му дал на оштетениот на негово барање тикет во вредност од 6.000 денари како заем за да игра на покер апаратите. Кога се вратил дома, добил повик од вработена дека истото лице бара уште еден тикет, но тој не дозволил да му биде издаден. На тоа оштетениот започнал да му пишува заканувачки пораки на Вибер, инсистирајќи тикетот да му биде издаден.
Откако осомничениот не му го одобрил, оштетениот дошол во неговата куќа и влегол во дворот каде што седеле осомничениот и неговата девојка и започнал да вика и да се расправа, па тргнал накај него и физички да го нападне.
Во тој момент осомничениот зел кујнски нож од масата и му нанел убодна рана во предел на абдоменот, по што оштетениот му го одзел ножот, избегал на улицата и со возило на лица кои ги сретнал на улицата веднаш бил пренесен во болница“, објави Обвинителството.
Според обвинителството, во конкретниот случај можно е да има елементи и на Убиство на миг, нужна одбрана, пречекорување на нужната одбрана и слично, што ќе се утврдува по прибавување на сите неопходни докази.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Куманово не достави предлог за определување мерка притвор туку мерки на претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, повремено јавување кај службено лице во Судот, како и забрана за воспоставување и одржување контакт со лицето кое добило прободна рана.
Посебни мерки има и за девојката која била сведок на настанот додека таа не даде исказ.
