Економија, финансии, бизнис

Контакт

Меѓународен притисок врз Иванов, поддршка од демонстрантите - Кој ќе попушти?

Меѓународен притисок врз Иванов, поддршка од демонстрантите -  Кој ќе попушти?

Додека речиси целата меѓународна заедница со која Македонија има директни дипломатски врски му посочува на претседателот Иванов повторно да размисли за доделувањето на мандатот и да овозможи формирање на влада претставена од новото парламентарно мнозинство, од протестите на улиците стигнуваат сосема спротивни пораки. 

Демонстрантите од „За заедничка Македонија“ велат дека народот стои зад претседателот Иванов и со нивна поддршка тој нема потреба воопшто ни да размислува за промена на одлуката со која спречува да се примени Тиранската платформа како услов кон СДСМ од албанските партии за формирање влада.

Иванов не го предомислуваат ниту јавните изјави на функционери на ДУИ кои сега и на собраниските говорници рекоа дека немаат никакви намери за бинационална држава, кантонизација или федерализација, туку сакаат само унапредување на етничките права и рамноправност со нови решенија кои ќе бидат во рамките на Уставот. 

Исто така и пратениците на СДСМ велат дека владината програма веќе е презентирана, дел од барањата на албанските партии за унапредување на службената употреба на албанскиот јазик во државните институции се прифатени, но немаат никаква намера да менуваат државни симболи, ниту пак да задираат во Уставот.

Следи викенд во кој треба да се смират политичките страсти и веќе од понеделник со нова рунда на силен домашен и меѓународен притисок ќе се направи обид да се деблокираат државните институции.

Автор: Христијан Станоевиќ


Слично

Поврзани вести