Меџити: Вработувањата во здравството ќе бидат без согласност од Министерството за финансии
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска објави дека испразнетите работни места во здравство ќе се надополнуваат без согласност од Министерството за финансии. Тоа ќе значи скратување на овие процедурални, административни маки со што ќе се ослободи простор за поглексибилно решавање на проблемите со вработувањето во јавното здравство.
- Не ми беше јасно зошто секогаш треба согласност од Министерството за финансии за вработувања во здравство. Некој ќе се пензионира, друг ќе си оди од државата или ќе се префрли во друга клиника, зошто по автоматизам не можат да се надополнуваат тие места? Ние одлучивме веќе и со министерот за финансии, имаше разбирање и по негова иницијатива, Министерството за финансии веќе да не одлучува за вакви случаи. Самите институции веќе да имаат законска одговорност и Министерството за здравство да потврди без да бараме согласност во финансии. Ако има резервирано таков буџет во сите здравствени клиники, тогаш нема потреба да се побара од финансии, рече министерот на денешната прес-конференција.
Меџити дополни дека барањето согласност од Министерството за финансии одзема многу време и не е корисно.
- Барам тоа што треба во здравството да биде подобро и порелаксирано и да ги поедноставиме веќе овие процедури, подвлече Меџити.
