МЕЏИТИ: Србија дава неточни информации за Блерим Рамадани
Србија дава неточни информации за Блерим Рамадани, изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој тврди дека Србија дава неточни информации за случајот со поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани, кој вчера избега од куќен притвор, додека во тек беше екстрадициска постапка.
„Во однос на тоа каде потфрлиле институциите во случајот со бегството на Блерим Рамадани ќе се обратите до Министерството за внатрешни работи, но од она што ми е веќе познато е дека судот донел одлука дека аргументите кои ги посочува Србија немаат основа и затоа не постои причина да тој се екстрадира во Србија“, вели Меџити.
Меџити кажа дека Македонија треба да се насочи кон дејствување како и сите останати европски држави во однос на меѓународните потерници издадени од Србија за борците на поранешната Ослободителна војска на Косово. На социјалната мрежа Фејсбук е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добре дојде дома, во нашиот роден град“. Рамадани кого го бара Србија по потерница на Итерпол, беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Потоа беѓе пуштен во домашен притвор во Скопје, од каде избегал. Србија го бара по потерница поради сомнежи за злосторства во војната на Косово пред 25 години. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен припадник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродима. Србија ќе бара одговори од Македонија како се случило бегството. СДСМ бара одговорност за бегството.
