Меџити: Нема нов чекор кој ќе ја придвижи изградбата на Клиничкиот центар
Министерот за здравство Фатмир Меџити во интервју за Гласот на Америка не сака да дава рокови од кога треба да почне изградбата на новиот Клинички центар. Вели дека од скоро е на функција и дека тоа би било неблагодарно.
- Не е чесно сега да го кажам тоа. Вие знаете дека јас сум нов министер, речиси 70 дена. До редовните избори има една година. Треба бидеме и рационални. Да видиме, (да ги искористиме) сите сили за да може на тој Клинички центар еден ден да се работи, одговори Меџити на едно од прашањата во интервјуто.
На истата тема вели дека покрај се уште не е направен ниту еден нов чекор во тој правец.
- Засега не. Но, и ние презедовме мерки, заинтересирани сме и за концептот. Има заинтересирани и страни и групи на интерес. Ние го претставуваме проектот и пред нив, и пред амбасадите и правиме подготовки за еден ден да може да започне градењето на досега многу зборуваниот нов Клинички центар, вели министерот.
Тој дополнително додава дека за одглавување на проектот се чека информација од Владата.
- Па, сега, нормално, тука пред сè проблем е буџетот. Тоа е многу капитален проект и сега ќе се разгледуваат опциите. Тоа треба да биде информација од Влада, заеднички како да го решиме тој проблем. А, мислам дека е крајно време да започнеме, тврди Меџити.
