Економија, финансии, бизнис

Контакт

МЕДЛИН ОЛБРАЈТ СО ЈАСНА ПОРАКА: Трагедија е што Бугарија ја блокира Северна Македонија откако се потроши толку многу време на договор со Грците

МЕДЛИН ОЛБРАЈТ СО ЈАСНА ПОРАКА: Трагедија е што Бугарија ја блокира Северна Македонија откако се потроши толку многу време на договор со Грците

Мислам дека е целосна трагедија тоа што после долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците, Бугарите, поради домашни причини, истакнаа такви барања за Северна Македонија, и затоа треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ, изјави Медлин Олбрајт, поранешен државен секретар на САД.  

Ова таа го кажа на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Олбрајт одговараше на прашања од конгресмени за американската политика на Балканот.

На прашање од конгресемнот Грегори Микс, демократ од Њујорк, како новата Администрација на Џо Бајден и Камала Харис треба да работи со Брисел за земјите аспиранти во ЕУ да не останат во чекалната поради своите соседи, а со оглед на блокадата што Бугарија ја постави за Северна Македонија поради прашања за нацијата и јазикот, таа рече дека новата Администрација треба да работи на тоа прашање.

„Фактот дека Грците успееја да дојдат до договор, а на ова се потроши толку многу време и се работеше толку напорно, мислам дека е трагедија, и тоа севкупна, тоа што Бугарите, заради домашни причини, го истакнуваат сега ова“, изјави Олбрајт.

Додаде дека сега треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ.

„Мислам дека тоа е многу важно прашање што ги подвлекува нашите напори на Балканот, а тоа е да постои соработка на економски и политички план“, изјави таа.

Олбрајт е со потекло од Чешка, и е првата жена во историјата на САД која служела како државен секретар. На оваа позиција таа беше од 1997 до 2001 година, во Администрацијата на Бил Клинтон, и за време на конфликтот во Косово и бомбардирањето на поранешна Сојузна Република Југославија од страна на НАТО и САД.

Олбрајт укажа дека изминатите две децении американската администрација е вклучена во решавање на отворените прашања на Западен Балкан, меѓу кои и судирот во Косово и постигнувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Со распитот претседаваше конгресменот Елиот Енгел од Њу Џерси, кој се осврна на 30 годишната посветеност на САД на Балканот и неговите заложби и за зголемено присуство и напори што досега ги праве сите американски администрации.

„Мошне сум горд што спречивме геноцид во Европа на крајот од 1990-те години“, рече Енгел, потсетувајќи на неговиот ангажман околу Косово.

Сите го истакнаа членството на Македонија во НАТО, како придобивка кон зацврстување на безбедносниот чадор на Балканот. 

Србија треба да ја покаже европската ориентираност, а не кокетирањето со Кремљ, нагласија говорниците.

Олбрајт се осврна кон стратегијата која, како што објасни, би се состоела од три дела.

„Потребно е да воспоставиме поцврста соработка со Европската Унија во која шест земји од Западниот Балкан сакаат членство. Потребно е да се зголеми соработката против корупцијата која се одразува врз политичките институции и го нарушува владеењето на правото во регионот. Стратегијата треба да помага поединечни држави во реформите и да ги наградува, но и да извршува притисок врз оние кои не спроведуваат реформи“, изјави поранешната државна секретарка на сослушувањето.

Според неа, САД презедоа вистинска акција да го спречат крвопролевањето во Косово и во Босна и Херцеговина во 90-тите.

„Денес, Балканот е постабилен и има потраен мир отколку пред 25 години. Регионот ги продлабочи односите со САД и се ориентира кон ЕУ. Корупцијата е сериозен проблем, а националистичките лидери и натаму играат на картата на национализмот и ги потпалуваат страстите“, наведе таа.

Слично

Поврзани вести