Медиумите во регионот ја исмејаа Македонија поради погрешното знаме - еве што пишуваат
Maкедонија во регионот е исмеана поради погрешното знаме со кое е дочекан австрискиот канцелар, Себастијан Курц.
Курц и премиерот Зоран Заев се најдоа на насловните страници поради погрешното знаме на делегацијата од Австрија. Наместо знаме на Австрија, покрај Курц стоеше знаме на Летонија. „Курц во Скопје, Македонците ги помешале знамињата“, „Срам за Македонците: Го дочекаа Курц со погрешно знаме“, „Скандал во Скопјe: Го дочекаа Курц со погрешно знаме“, се дел од насловите на медиумите во соседството.
Австриските новинари реагираа на местото на настанот, а потоа од Владата упатија писмено извинување поради, како што велат, ненамерниот протоколарен пропуст.
„Пропустот е направен од страна на службите за протокол на Владата на Република Македонија и на Министерството за надворешни работи, а до него дошло поради големата сличност во димензиите и колоритот на знамињата на Австрија и Латвија“ – стои во соопштението.
На социјалните мрежи реагираше и Академијата за протокол сместена во Вашингтон, објаснувајќи ја очигледната разлика помеѓу двете државни знамиња.
„И двете знамиња се со црвено-бела комбинација и тоа: Австриското: трите ленти се со еднаква широчина, а црвената е Империјал Ред, шифра ED2939. Летонското: средната бела лента е потенка, а црвената е Џапаниз Кармине, шифра 9Е3039. Лаички, потемна црвена, или народно, накај бордо“– пишува на профилот на Академијата.
За ова дури и не треба да сте протоколџија, 5 минути поминати на интернет се доволни, додаваат оттаму.
