МЕДИУМИ ОД РЕГИОНОТ: Македонија ќе биде Горна Македонија или Нова Македонија?
Преговорите за прекин на долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција е во „завршна фаза“, рекол министерот за надворешни работи Никола Димитров за грчката агенција АНА.
Првиот дипломат на Скопје го дал својот коментар по завршувањето на состанокот со својот грчки колега, Никос Коѕијас, во неделата на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи.
„Ќе продолжат преговорите меѓу експерти за правни и технички прашања“, рекол Димитров, велејќи дека договорот е во „завршната фаза“ и може да биде договорен пред планираниот самит кон крајот на јуни.
Имињата кои веќе се презентирани во дискусијата, ја вклучуваат „Нова Македонија“ и „Горна Македонија“, пренесуваат медиуми од регионот повикувајќи се на грчки агенции.
Спорот за името меѓу двете држави датира од 1991 година, кога Скопје прогласи независност од Југославија. Атина се противи на уставното име на соседната држава, Република Македонија, бидејќи Грција има своја северна провинција Македонија и стравува дека тоа може да значи територијални амбиции, пишуваат бугарски медиуми коментирајќи ја ситуацијата.
Грција сака промената во името да биде поддржана со уставна измена и да биде применет правниот принцип „erga omnes“( „кон сите“), што значи универзална употреба во и надвор од Македонија.
Високата претставничка за надворешната политика на ЕУ Федерика Могерини изјави дека спровела "неофицијален работен појадок" со Димитров и дека дискусиите одат напред .
„Ние сите сме многу охрабрени од напредокот постигнат особено во преговорите меѓу Скопје и Атина за прашањето за името на Македонија. Сите ќе работиме за да ги поддржиме и постигнеме, се надеваме, позитивен резултат од овие важни преговори“, рече Могерини пред медиумите на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Уште оваа недела може да се одржи телефонски разговор меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев, за да финализира договорот, кажа Димитров.
