Медицинскиот персонал не доби дополнителна награда, дебакл на Комисијата за заразни болести
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение обвини дека бројката од над 6.000 заболени за три недели од Ковид-19 е како резултат на погрешната стратегија на Комисијата за заштита од заразни болести и власта, која како што велат од таму, резултирала со дебакл.
„Власта која менаџира со здравството имаше цело лето да се подготви за есенскиот бран на КОВИД, но со месеци ништо не е направено. СДСМ не инвестираше во нови болнички капацитети, медицинскиот персонал не доби дополнителна награда за својот труд и посветеност, односот на менаџментот на болниците со вработените е лош.
Власта го фрли целото здравство во хаос“, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.
Од таму додаваат дека одлуките што се носат се политички, а не стручни и дека пандемијата продолжува со континуиран бран на пикови поради немање план.
„И сега кога немаме ден, а бројот на заболени да не е неколку стотина, власта не знае што да прави.
СДСМ политизираше се. Власта ја политизираше и Комисијата за заштита од заразни болести, одлуките се политички, а не стручни.
Комисијата за заразни болести, од сам почеток ја води погрешно работата, без план и стратегија, само да се задоволат апетитите на власта. Тоа предизвика Македонија да нема втор есенски бран, туку континуиран бран со пикови, кои се секој ден се поголеми.
Одговорност за аматеризмот кој ја донесе државата до хаосот предизвикан од КОВИД на здравствено и економско поле мора да има“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
