Економија, финансии, бизнис

Контакт

МЕЧКИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО ПЧЕЛАРНИЦИ: Има начин да се заштитат кошниците

МЕЧКИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО ПЧЕЛАРНИЦИ: Има начин да се заштитат кошниците

Откако деновиве се појави снимка направена во тетовско која покажува како мечка турка сандак со пчели, Диме Меловски од Македонското Еколошко Друштво(МЕД) ни објаснува дека мечките сакаат да јадат мед независно од тоа дали имаат или немаат доволно храна. И претходните години мечките влегуваа во пчеларници во Наколец, Дихово, Бохула, Киселица и други места. Меловски вели дека мечката е животно кое јаде разновидна храна.

„Мечките се опортунисти, тие јадат доста разновидна храна. Секако дека за медот имаат посебен афинитет и не го јадат само затоа што немаат друга храна, туку и активно го бараат. Претежно јадат мед од диви улишта направени од диви пчели. Меѓутоа, кога имаат шанса да дојдат до домашен мед, тогаш секако дека ја користат таа прилика. Затоа е многу важно да се инсталираат електрични огради како една од најуспешните мерка за заштита на пчеларниците“, рече Меловски.

Резултатите од истражувањето кое претходно го направи МЕД, кои произлегуваат од анализа на повеќе од 550 примероци од измет на мечка, откриваат дека овошките се главното јадење на преспанските мечки. Имено, дивите сливи се присутни во половина од пронајдените примероци. Исхраната варира низ годината и ја следи сезонската достапност на растенијата.

„Така, напролет, главниот оброк на мечките го сочинуваат тревести растенија и диви цреши, кои налето постепено се заменуваат со диви сливи и дренки, а пак наесен, во исхраната преовладуваат желади и други јатки, кои се богати со масти и се идеална храна во претхибернацискиот период. На македонска страна, наесен доминираат јаболката, кои ги има во изобилство во регионот. И покрај сештојадната исхрана на овие животни, истражувањето многу јасно ни покажа дека мечките од преспанското подрачје нималку не би ги опишале како страсни месојади. Така, остатоци од копитари беа пронајдени во помалку од 5 отсто од примероците, а само 1,5 отсто припаѓаат на домашна стока, како кози и овци. Со ова, еден од заклучоците на трудот е дека кафеавата мечка не претставува сериозна закана по сточарските активности во регионот. Опсежни истражувања од овој тип дозволуваат да се добие увид во целокупната палета на исхрана на мечката. Кога храната е во изобилство, мечките се приклонуваат кон поспецијализирана исхрана, главно претпочитајќи ја најдостапната овошка. Меѓутоа, кога храната во природата е поретка, тие се принудени да ја „прошараат“ исхраната и така стануваат понагласени сештојади. Ова е уште еден силен аргумент за поголема заштита и намалена узурпација на природните живеалишта на мечките, со цел да се намалат конфликтите со луѓето“, се вели во публикација на МЕД.

Овој труд произлезе од двегодишно научно истражување, спроведено прекугранично во преспанското сливно подрачје во 2018 и 2019 година. На него работеа тимот за крупни цицачи на Македонското еколошко друштво (МЕД), Друштвото за заштита и зачувување на животната средина во Албанија (ППНЕА) и Друштвото за заштита на Преспа (СПП) од Грција.

Пред неколку дена во јавноста се појави снимка од мечка која во тетовското село Отуње се качила на маса и јадеше остатоци од храна. Домаќините биле во куќата и ја снимиле. Претходните години во дебарско имаше поголема раздвиженост на мечки. Мештаните често ги гледаа по патиштата, близу селата и тоа им влеваше страв. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести