Мечките повторно се симнаа во селата на Маврово и Ростуше
Загрижените граѓани испратија видеа и слики од мечки кои и преку ден слободно шетаат низ селата во рамки на општината Маврово и Ростуше. Аднан Салиу, началник на месната заедница Жировница, вели дека проблемот со мечките во селата и понатаму останува нерешен иако тие повеќепати побарале помош од институциите.
„Овој проблем институциите не го третираат сериозно, мислеа дека по зимата ќе се намали бројот. Сега дојде пролетта и пак слегуваат и бараат храна во приватни имоти кои чуваат добиток, било да е тоа овци или кози и за жал истиот проблем се повторува . Секоја вечер гледаат и по 3-4 од нив кај контејнерите и во селото на различни локации. Да го сфатиме овој проблем сериозно пред да се случи некоја сериозна катастрофа“, рече Аднан Салиу - жител на село Жировница.
Од центарот за управување со кризи велат дека во наредните денови ќе имаат координација и ќе се види какви ќе бидат мерките што ќе се преземат за да се избегне проблемот со мечките во селата на Маврово и Ростуше. Минатата година мечките направија голема штета, а властите разгледаа неколку мерки, меѓу кои и заспивање и нивно преместување, како и хранење на мечките надвор од населени места, но тие не беа спроведени.
