Полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода 55-годишен маж од Скопје, осомничен дека со пиштол се заканувал на сопругата и ќерките и испукал куршум во нивниот дом во скопската населба Кисела Вода.
Како што соопшти МВР, на 6 март 2026 година околу 00:40 часот, на подрачјето на Кисела Вода бил приведен Б.С. (55) од Скопје, поради сомнение дека пукал кон неговата 48-годишна сопруга, им се заканувал на нивните три ќерки на возраст од 26, 24 и 18 години и физички ја нападнал 24-годишната ќерка.
Според пријавата, на 1 март 2026 година, по претходна расправија во домот, осомничениот испукал еден куршум од пиштол, кој завршил во прозорецот. Потоа отишол кај двете помлади ќерки, им се заканувал и физички ја нападнал 24-годишната ќерка.
Насилното однесување било повторено и на 5 март околу 22:30 часот, кога повторно се заканувал со пиштол на сопругата. Во тој момент ќерките успеале да го спречат да го употреби оружјето.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
