МАС, СИЛВА И ЛОГАР СО ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА - Северна Македонија го смени дури и името, време е ЕУ да ги исполни ветувањата
Mинистрите за надворешни работи на Германија, Португалија и Словенија, Хајко Мас, Августо Сантос Силва и Анже Логар, излегоа со заедничка изјава за блокадата од Бугарија, поради која ниту Албанија не доби датум за почеток на преговорите.
Тие ја нагласуваат важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ. Тие додаваат дека сегашниот ќор-сокак го намалува кредибилитетот на ЕУ и е во спротивност со европските стратешки интереси за стабилност на Западен Балкан.
„Ние сме крајно загрижени што не успеавме да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа во март 2020 година. И двете земји направија низа реформи, додека Северна Македонија инвестираше висок политички капитал во проширувањето, па дури и го смени своето име. Време е ЕУ да ги исполни своите ветувања. Словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе ги надоградува досегашните достигнувања“, се вели во заедничката изјава на Мас, Силва и Логар.
Билатералните прашања меѓу двете земји, според овие европски министри, треба да се решаваат билатерално.
