Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мартин Симоновски, успешен Македонец кој гради кариера како хирург по ветеринарна медицина во Лондон: Сопственик е на мобилен ветеринарен сервис и прави сложени операции

Мартин Симоновски, успешен Македонец кој гради кариера како хирург по ветеринарна медицина во Лондон: Сопственик е на мобилен ветеринарен сервис и прави сложени операции

Љубовта кон животните уште од најрана возраст му го одредила животниот пат. Со јасна визија и силна желба еден ден да им помага, Мартин Симоновски чекор по чекор ја градел својата професионална приказна — од ветеринарен техничар во Скопје, до студент на Ветеринарниот факултет во Стара Загора, Бугарија, каде што подоцна и магистрирал.

Денес, Мартин е доктор по ветеринарна медицина со 15-годишно професионално искуство, а последните четири години работи како референтен хирург по ветеринарна ортопедија и мекоткивна хирургија. Веќе една деценија живее во Лондон, каде заедно со сопругата и ќерката гради успешен живот и кариера.

Зад неговиот успех стојат години посветеност, постојано учење и напорна работа, но и храброста да ја напушти Македонија во потрага по професионален напредок и нови можности. Додека паралелно ги продолжувал постдипломските студии и стекнувал практично искуство, животот го однел во Велика Британија — место каде што денес е еден од сопствениците на SAS – Small Animal Surgery, компанија која нуди мобилен ветеринарен сервис и современа грижа за малите животни.

- По дипломирањето се вратив во Македонија и се обидов да најдам работа како ветеринарен лекар, но по неколку месеци неуспешни обиди решив повторно да се вратам во Бугарија. Таму започнав да работам како ветеринарен лекар во една од најголемите клиники за домашни миленичиња во Софија, каде што останав шест години. Во тој период работев како општ ветеринарен лекар, но со јасна желба да специјализирам хирургија.

Желбата за професионален напредок ме однесе во Велика Британија. Во 2016 година се преселив во Сари (Surrey), каде што продолжив да работам во општа пракса и истовремено запишав вонредни постдипломски студии по ветеринарна хирургија на Универзитетот во Ливерпул. Во 2018 година се преселив во Лондон, каде што работев како сениор ветеринарен лекар сè до 2022 година, кога ги завршив постдипломските студии и се здобив со диплома Advanced Veterinary Practitioner in Small Animal Surgery (CertAVP). Од тогаш до денес работам како референтен хирург, а од 2025 година сум еден од сопствениците на SAS-Small Animal Surgery. SAS е компанија која нуди мобилен ветеринарно-медицински сервис за специјализирана ортопедска и мекоткивна хирургија.

ЖМ: Дали доживеавте културен шок при првата средба со британскиот начин на живот? Што најмногу ве изненади во менталитетот на луѓето, нивната комуникација и секојдневни навики?

- Па, како човек кој живеел во неколку различни држави во одреден период, вклучувајќи ја и Америка, би сакал да речам „не“. Но, всушност одговорот е — Да! Англичаните имаат уникатен менталитет, не само во Европа туку и во светски рамки, и понекогаш е тешко да ги разбереш, но не во буквална смисла на зборот. Тука луѓето, особено од средно – високите слоеви на општеството, се исклучително љубезни, никогаш не ги поставуваат работите директно и претпочитаат дури и за најважните теми да укажуваат индиректно, што за нас Балканците е чудно и дефинитивно претставува културен шок.

ЖМ: Лондон често се опишува како град со постојано дождливо и сиво време. Од ваша перспектива, дали ова е мит или реалност? Како климата влијаеше врз вашето расположение и адаптација?

- Мислата за дождот и сивото време предизвикуваше кошмари кај мене кога решив да се преселам во Лондон, но за моја среќа излезе дека тоа во голема мера е мит. Времето може да се смени понекогаш во рок од 10 минути, бидејќи се наоѓаме на остров, но генерално сончевите денови преовладуваат во текот на целата година. Зимите се благи, температурите многу ретко паѓаат под нула, а во ретки случаи се радуваме и на снег. Во последните неколку години, во летните месеци дури беа забележани рекордни температури околу четириесеттиот степен по целзиус, „благодарение на глобалното затоплување“. Добро е да се знае, сепак, дека ако сте на островот и немате тема за разговор со локалните луѓе, секогаш можете да разговарате за времето. Тоа е тема која е секогаш актуелна во британското општество.

ЖМ: Веќе 15 години сте во оваа професија – како изгледаше вашиот професионален развој од почетокот до денес? Кои беа клучните моменти што ја обликуваа вашата кариера?

- Веќе 15 години работам како ветеринарен лекар, од кои последните 4 години како референтен хирург по ветеринарна ортопедија и мекоткивна хирургија. Како и секој почеток, беше исполнет со неизвесности и предизвици, а до одреден степен така продолжува и до ден-денес, бидејќи медицината е наука која константно се надградува и бара постојана професионална доедукација. Еден од клучните моменти во мојата кариера беше започнувањето на мојата прва работна позиција во ветеринарната болница во Бугарија, каде што имав прилика да се запознаам со динамиката на работниот процес и притисокот што го носи професијата. Исто така, таа позиција ми помогна да откријам во која сфера од ветеринарната медицина би сакал да се развивам, што во мојот случај беше хирургијата. Вториот клучен момент во мојата кариера беше одлуката да заминам во Обединетото Кралство и да продолжам со надградување на моите хируршки способности, како и стекнување на највисоко ниво на обука и искуство, кое го користам во секојдневната работа до ден-денес.

ЖМ: Можете ли да ни опишете како функционира една ветеринарна болница во Лондон – колкав тим брои, како се распределени улогите и каква е динамиката на работа во текот на еден вообичаен ден?

- Во Обединетото Кралство, а особено во Лондон, постојат два типа на ветеринарни болници: едните се болници кои се занимаваат со општа пракса (first opinion clinics), а другите се референтни болници (referral centers), кои се занимаваат со специјализирани проблеми поврзани со хирургија, интерна медицина, дерматологија и други области. Статистички, повеќето поголеми ветеринарни болници имаат тим од 20 до 50 луѓе, вклучувајќи рецепционисти, медицински сестри, ветеринарни лекари, помошен персонал и административен кадар. Работниот процес во клиниките со општа пракса е многу динамичен и разновиден — може да започне наутро со рутински прегледи, профилактика и вакцинации, а да продолжи попладне со работа со итни и хоспитализирани пациенти, како и изведување на рутински или посложени хируршки зафати. Работниот процес во референтните клиники е сличен, со таа разлика што таму се третираат покомплицирани случаи кои бараат интервенција од специјалист во одредена област.

ЖМ: Со оглед на тоа што работите со сериозни случаи и операции, која е најдолгата и најкомплексна интервенција што сте ја извршиле? Колку време траеше и каков беше исходот?

- Повеќето фрактури претставуваат вистински предизвик, особено оние што зафаќаат зглобови, како „Y“ фрактурата на лактот. Овој тип на фрактури бара перфектна анатомска редукција и милиметарски прецизно поставена внатрешна фиксација во зона опкружена со витално важен невроваскуларен систем. Сепак, би издвоил еден случај кој беше дијагностициран со холелитијаза (жолчни камења) и опструкција на заедничкиот жолчен канал. Овој пациент имаше потреба од итна хируршка интервенција, која вклучуваше катетеризација на жолчниот канал преку неговиот излез во дванаесетпалечното црево. Жолчниот камен беше репониран назад во жолчниот меур со помош на катетер, по што беше извршена холецистектомија (хируршко отстранување на жолчниот меур). Целата операција траеше околу 4 часа, а пациентот беше успешно испишан од болница по два дена.

ЖМ: Колку е голем притисокот кога се работи за спасување на живот на животно, и како се справувате со стресот и емоционалниот товар што го носи оваа професија?

Домашните миленичиња во Обединетото Кралство во повеќето случаи се сметаат за дел од семејството и поради тоа, кога се работи за живот или смрт, притисокот е огромен. Справувањето со стресот и менталниот товар претставува вистински предизвик во денешно време. Мојата стратегија е секогаш да бидам професионален и објективен во препораките што ги давам — тоа ми помага да го намалам притисок, без разлика на исходот. Се разбира, во слободното време по работа се обидувам да се фокусирам на работи што ме исполнуваат со позитивна енергија надвор од професијата — семејството, спортот и дружењето со пријатели.

ЖМ: Имате ли некоја необична приказна со некое животно што би сакале да ни ја раскажете, можеби некое пријателство (човек – животно) кое започнало токму на вашето работно место?

- Се сеќавам на еден случај од почетокот на мојата кариера во Велика Британија. Работев во мала клиника која немаше 24-часовен сервис и бев дежурен за време на викенд, кога примив млад Cocker Spaniel кој беше удрен од автомобил. Пациентот имаше пневмоторакс (присуство на слободен воздух во градниот кош поради раскинување на дел од белодробното ткиво) и хемоабдомен (интраабдоминален крвоизлив, најверојатно поради руптура на слезината). Во тие услови извршив итна дренажа на градниот кош, како и спленектомија (хируршко отстранување на слезината). По операцијата, пациентот имаше потреба од понатамошна хоспитализација во поголем клинички центар и трансфузија на крв. Сепак, поради критичниот статус и високиот ризик од негативен исход при транспорт, донесов одлука да останам на ноќна смена во клиниката и самостојно да извршам трансфузија. Резултатот беше позитивен и пациентот беше испишан на домашно лекување по 24 часа хоспитализација.

Најинтересниот и неочекуван момент се случи неколку дена подоцна, кога добив картичка за благодарност од сопствениците — напишана на македонски јазик. Мислам дека сè уште ја чувам некаде во мојата колекција од картички.

ЖМ: Каков е односот на луѓето во Лондон кон нивните миленици? Дали забележувате разлики во споредба со Македонија кога станува збор за грижа, посветеност и одговорност?

- Домашните миленичиња во голема мера се сметаат за дел од семејството и луѓето се грижат за нив со големо внимание. Повеќето животни имаат приватно здравствено осигурување, кое го обезбедуваат самите сопственици, што им овозможува полесен пристап до ветеринарно-медицинските услуги. Да, мислам дека постои разлика во однос на Македонија, но според моите набљудувања, тенденцијата на зголемена грижа за домашните миленичиња сè повеќе се забележува и кај нас.

ЖМ: Покрај професионалните обврски, сте и семеен човек. Како успевате да воспоставите баланс помеѓу напорната работа и приватниот живот?

- Балансирањето помеѓу клиничката работа, водењето приватен бизнис и наоѓањето време за семејството не е лесна задача и морам да признаам дека понекогаш не успевам да воспоставам идеален баланс. Сепак, се трудам во секојдневието да поставам јасна граница помеѓу работата и приватниот живот и да не ја носам работата дома на крајот од денот. Викендите обично ги поминувам со семејството и пријателите.

ЖМ: Ви недостига ли Македонија и на кои начини ја одржувате врската со татковината додека живеете во странство?

- Македонија ми недостига, претпоставувам како и на секој Македонец којшто живее во странство. Таму се моите родители и поширокиот дел од семејството. Човекот секогаш го влече кон сопствениот корен — така и мене ме влече македонскиот корен, па се трудам да патувам до Македонија барем еднаш на неколку месеци, за да го одржувам жив балканскиот дух.

ЖМ: Како изгледа едно ваше секојдневие во Лондон – од утринските рутини до вечерните моменти со семејството?

- Работниот ден започнува со утринско кафе, појадок и подготовка за работа. Мојата дневна работа обично вклучува неколку патувања до различни клиники во Лондон и околината, каде што најчесто се среќавам со моите пациенти и изведувам различни ортопедски или мекоткивни операции. Кон крајот на денот ги подготвувам хируршките инструменти за наредниот ден и извршувам административни обврски. Понекогаш успевам по работа да ја земам мојата 4-годишна ќерка од градинка, по што се собираме сите заедно околу трпезната маса за вечера, каде што го заокружуваме денот. Викендите се обично опуштени, најчесто ги поминувам во кругот на семејство во потрага по различни доживувања коишто ги нуди Лондон.

ЖМ: Сообраќајниот метеж е познат проблем во Лондон. Како се снаоѓате во градот и дали јавниот превоз е навистина толку ефикасен како што се зборува?

- Да, можам да потврдам дека јавниот превоз во Лондон е навистина на високо ниво. Градот е многу добро поврзан, како централно, така и со приградските населби, преку различни типови на превоз. Тука спаѓаат познатото лондонско метро, надземните железнички линии, трамвајот, па сè до автоматизираните DLR возови и препознатливите двокатни лондонски автобуси. За жал, јас не го користам јавниот превоз многу често и најчесто се движам со автомобил низ градскиот метеж, поради тоа што секојдневно патувам до различни клиники со многубројниот ветеринарно-медицински инструментариум.

ЖМ: Што би им препорачале на Македонците кои за првпат го посетуваат Лондон – кои места се „задолжителни“ за посета и зошто?

- Многу е тешко да се издвои што е најважно да се види, бидејќи секој има различен вкус. Сепак, за луѓето од Македонија кои за првпат доаѓаат во Лондон, дефинитивно би им препорачал да ги посетат најважните знаменитости. Тука спаѓаат Buckingham Palace, како и прошетка низ еден од старите централни лондонски квартови — Soho. Исто така, вреди да се посетат и најпознатите улици како Oxford Street, Regent Street и Bond Street. Во Сохо може да се почувствува вистинскиот лондонски дух — мешавина помеѓу традицијата и модерното време, со голем избор на ресторани, пабови и кафулиња. Се разбира, тура со брод по River Thames и разгледување на знаменитостите покрај реката, како Tower Bridge и London Eye, е нешто што не треба да се пропушти. Исто така, прошетка низ City of London нуди уникатен спој помеѓу современата архитектура и архитектурата од минатите векови. Доколку посетителите имаат повеќе време, би им препорачал да ги посетат лондонските музеи и Greenwich Observatory. Но пред сè, би препорачал да бидат во добра физичка кондиција — градот е со огромни размери и има многу пешачење.

ЖМ: Доколку некој млад ветеринар од Македонија размислува да ја гради својата кариера во странство, особено во Велика Британија, кој би бил вашиот најважен совет за него?

- За младите ветеринарни лекари кои имаат намера да си ја пробаат среќата во Велика Британија, би им препорачал пред сè да имаат добро ниво на англиски јазик. Исто така, би било корисно да посетуваат постдипломски интернационални курсеви во ветеринарната сфера. Доколку е возможно, пред пристигнување во Велика Британија. Би им препорачал да бараат работа во поголеми ветеринарни клиники или болници, со цел да добијат поширока претстава за тоа како функционира ветеринарно-медицинската дејност од сите аспекти. Работата во поголеми ветеринарни болници исто така им овозможува поддршка и менторство од поискусни ветеринарни лекари со подолг професионален стаж. Дополнително, би ги советувал континуирано да продолжат со постдипломска едукација во различни области од ветеринарната медицина, бидејќи тоа отвора повеќе можности за работа и професионален развој во иднина.

Габриела Додевска Глигоровска

Слично

Поврзани вести