Марта Кос за МИА: Ниедна земја досега не добила гаранција за влез во ЕУ, Украина и Молдавија заслужија преговори
Комесарката за проширување Марта Кос денес ќе престојува во Скопје а за МИА веќе ги даде првите изјави. Во една од нив таа вели дека Црна Гора и Албанија се земјите кои бележат најголем напредок на патот кон ЕУ. Таа во контекст на прашањето зошто Македонија не добие гаранции дека повеќе нема да и се наметнуваат нови услови, доколку ги исполни барањата на Бугарија, рече дека „ниту една земја тоа не го добила досега“.
- Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување.
Напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите-членки. Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елементи: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји-членки. Ова започнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија.
Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност., рече Кос во денешното интервју за МИА.
Од друга страна, функционерката на ЕУ на прашањето како Украина и Молдавија ги започнуваат преговорите за влез, а Македонија тапка во место, одговори дека двете земји тоа го заслужиле.
- Напредокот на Украина и Молдавија се базира на нивните заслуги. Тие го исполнија она што сите 27 земји-членки го побараа од нив. Двете земји сега напредуваат.
За да ви дадам индикација за нивните стапки на реализација: минатата година, стапката на спроведување на реформите според Планот за раст на Украина и Молдавија изнесуваше 87% и 93% соодветно. Ниту една земја во Западен Балкан не постигна 50%. Сега ова за среќа се менува со големи подобрувања и овде во Северна Македонија.
Гледаме напредок во исклучително тешки околности и по политички чувствителни прашања.
Земете ги за пример правата на малцинствата. Украина презеде конкретни обврски во врска со, меѓу другото, бугарските и унгарските малцинства и покажува дека дури и најтешките реформи можат да се спроведат. Украина го поставува тонот. Ова се факти. Тие бараат силно и посветено политичко водство, одговори Кос.
