Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАРТ ДЕФИНИТИВНО НЕ БЕШЕ СУПЕР БЕРЗАНСКИ МЕСЕЦ - стивна тргувањето, цените на акциите се симнаа од „облаците“

МАРТ ДЕФИНИТИВНО НЕ БЕШЕ СУПЕР БЕРЗАНСКИ МЕСЕЦ - стивна тргувањето, цените на акциите се симнаа од „облаците“

Судејќи според берзанскиот билтен, март дефинитивно можеме да го прогласиме, ако не за месец на берзански падови, тогаш сигурно за месец на берзанска стабилизација. Берзанскиот промет се намалил за солидна една третина или за некои 34 проценти, а бројот на трансакции паднал за 22,5 проценти. 

Дека цените на акциите се симнаа од „облаците“ на кои се качија почнувајќи од минатата година и продолжувајќи на стартот на оваа, доволно зборува фактот што во март паднал индексот МБИ10, главниот македонски берзански индекс сочинет од најмоќните акционерски друштва, а паднала и пазарната капитализација на околу деведесетина котирани акционерски друштва, за 0,45 отсто, со што сега сите котирани македонски компании, доколку се продадат во исти ден, за нив би се зеле 5,82 милијарди евра.

Намален е и прометот остварен со акциите на капиталците, па така, со акциите на Комерцијална банка се остварил промет од 2,61 милиони евра, со Алкалоид 2,2 милиони, а со акциите на Макпетрол се свртеле 460 илјади евра.

Со акциите н а НЛБ Банка прометот изнесувал 263 илјади евра, а со оние на Стопанска банка Скопје тој бил 217 илјади. 

Гранит е со остварен промет од 214 илјади евра, акциите на Реплек направиле 156 илјади, а Европа Скопје 136 илјади.

Најголем раст во март имале акциите на Стопанска банка Битола, за 13,8 отсто, достигнувајќи цена на крајот на третиот месец од годинава од 3.300 денари за акција, а со најголем пад биле акциите на РЖ Економика Скопје, чие намалување е за 42,7 отсто.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести