МАРШ ВО НЕГОТИНО ВО ЧЕСТ НА ФРОСИНА: Угостителите да се воздржат од музика овој викенд
Марш во саботата ќе има во Неготино. Угостителите да се воздржат од музика овој викенд во чест на Фросина Кулакова која загина во сообраќајка на Паризанска во Скопје минатата недела.
Протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ ќе се одржи во сабота во Неготино, објавија организаторите на настанот преку Фејсбук групата посветена на градот. Маршот ќе започне во 14 часот, на улица „Маршал Тито“, во близина на семафорите.
„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите кои секојдневно се случуваат на нашите улици. Овој протест е повик за промени, порака дека е доста со жртви во сообраќајот. Маршираме за Фросина, за Викторија, за сите кои го загубија животот поради несовесни возачи и нефункционални институции“, стои во повикот за учество.
Протестот има за цел да ја истакне сериозната ситуација со сообраќајното насилство и апелира на итна промена.
Протести претходно имаше во Скопје и Неготино. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков синоќа за Сител кажа дека ќе има уште помасовни протести и дека нема да се тргнат од пред институциите додека не добијат правда за прегазувањето. Васил Јованов кој ја прегази, бил пијан, но и немал возачка дозвола, а претходно бил познат на полицијата поради дрога.
