МАРЈАН ЃУРОВСКИ: Дали ќе има каде Вашингтон да крене телефон, кој е планот Б за решавање на спорот со Бугарија
Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, објаснува какви се сега шансите на земјава за решавање на спорот со Бугарија, со цел да добиеме зелено светло за преговори со Европската унија.
Својот став Ѓуровски го пренесе на својот фејсбук профил.
„Судејќи според составот на избраниот технички владин тим под будното око на селекторот претседателот Румен Радев нема голема благонадежност за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, за добивање на зелено светло за преговори со Европската унија.
Дали ќе има каде Вашингтон да крене телефон заради досегашните јасни ставови на шефот на бугарската држава, кој е клучен и единствен фактор сега во Софија?!
Во приоритетите на новото бугарско техничко правителство (Влада) не е регионот, неговата европска интеграција и решавањето на билатералниот спор со официјално Скопје.
Борба против криминалот и корупцијата, справување со Ковид-19 и организирање на фер и демократски вонредни парламентарни избори е агендата на техничкиот премиер генералот Стефан Јанев, екс воен бугарски аташе во Вашингтон и дипломат во Брисел и Анкара.
На местото на Захариева на чело на МНР доаѓа професионалецот од кариера амбасадорот Светлан Стоев кој се враќа од Данска каде беше шеф на бугарската амбасада. Тој може да биде добар спаринг партнер со МНР Бујар Османи.
Владиниот бугарски тим е од сите политички бои, на кои заеднички им е што сите се политички противници на Бојко Борисов. Ова не треба да разочара,туку ќе даде време на македонскиот владин тим да се соземе и врати во реал политиката и си го препрочита потпишаниот билатерален договор меѓу двете држави. Без компромис нема продолжување на патот за Брисел.
Ако има политичка волја за реформи, ништо страшно нема да се случи. Во услови на длабоки поделби меѓу Македонците, тешко ќе дојдеме до реформски резултати дома. Времето за решавање на спорот со Бугарија и членство во ЕУ не работи во прилог на Македонија, независно кој ќе дојде на нејзино чело на редовни или вонредни парламентарни избори, доколку не е подготвен да ја жртвува својата политичка кариера како што тоа беше случајот со Преспанскиот договор.
Домашни МКД задачи сега се следниве.
Прво, да се подготвува јавноста за заеднички прифатливо решение меѓу Македонија и Бугарија. Второ, именување на македонски амбасадор во Софија. Трето, интензивирање на активностите на специјалниот пратеник на земјава во Софија. Четврто, поголема динамика на Македонскиот културен центар во Софија. Петто, логистичка поддршка на македонската историска комисија од странски експерти и конечно конкретна манифестација дека нешто сработеле. Шесто, имплементација на билатералниот македонско-бугарски договор во целост. Седмо, апликација со инфраструктурни проекти за поврзување со Бугарија со барање за финансирање во Брисел и агресивно континуирано присуство таму.
Планот А како да пропаѓа. Дали и кој е планот Б ако го има?“, пишува Ѓуровски.
