Марјан Ѓорчев: Бугарија врши „економска асимилација“ над Македонија
Марјан Ѓорчев, последниот редовен амбасадор на Македонија во Софија, вели дека Бугарија не може да извши асимилација над Македонците со издавањето на бугарски пасоши за наши државјани. Според еден од најискусните македонски политичари, Бугарија со тоа создава само „еконсомак асимилација“ нанесувајќи штета на пазарот на трудот во Македонија.
„Бугарските власти изготвија стратешки план за т.н. „нежна прегратка" за браќата од Македонија, по пат на издавање на бугарско државјанство, со засилена агитација почнувајќи од 2002 година. Во кампањата се вклучени бугарските клубови во Скопје, Битола и Струмица, како и Бугарската агенција за Бугарите во странство, преку свои лоби групи. Користејќи ја тридецениската блокадна ситуација, големата невработеност и бесперспективноста, пред сѐ на младото македонско население, со издавањето на бугарско државјанство на македонските граѓани се врши фактички нивна „економска асимилација". Истиот атак се повторува и кај македонското малцинство кое што живее во регионите Пустец и Голо Брдо во Албанија, но и кај Гораните од областа Гора во Косово, кои главно живеат во Скопје.
Треба да се потенцира дека сите македонски граѓани што добиле бугарско државјанство, не се откажале од македонското државјанство и де факто нивното отсуство од гласање за изборните циклуси во Бугарија, на неколку изборни пункта во македонската држава, го потврдува тоа. Досегашните резултати од гласањето на македонски граѓани кои што се чуствуваат Бугари по род, не ја надминува бројката од 1.000 лица! Тоа ја докажува тезата за „економска асимилација" на македонското население, кое што се определува за аплицирање за бугарско државјанство исклучиво од економски мотиви: поголеми шанси за работа на заедничкиот европски пазар, дозволен престој и слободно движење низ европските земји и полесен и поевтин пристап до елитните европски универзитети. ЕУ ќе мора да поведе сметка за непринципиелниот пристап од бугарска страна, која на нерегуларен начин го смалува работнииот потенцијал на македонската држава, со што ја намалува можноста за нејзин економски раст и доближување до европскиот стандард“, вели Ѓирчев во денешното интервју за Дојче Веле.
