МАРИНАКИС ЗА МАКЕДОНИЈА: Ако не го сменат начинот на кој ги третираат меѓународните договори нема да одат напред
Грчките власти велат дека Европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција.
„Владата и премиерот Кирјакос Мицотакис следат одговорна надворешна политика и без заобиколувања велиме дека европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција и очигледно, ако не го сменат начинот на кој ги третираат меѓународните договори нема да одат напред“, изјави портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Владиниот портпарол на почетокот на брифингот го посочи она што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го споменал за време на неговото учество на НАТО Самитот во однос на Договорот од Преспа, „нагласувајќи дека неговата целосна имплементација е неопходна за НАТО Алијансата и за Западен Балкан“.
Владиниот портпарол потсети дека Нова демократија не гласаше за Договорот од Преспа, бидејќи, како што рече, содржи пропусти во заштитните мерки и одредбите.
„Напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на првата сесија на НАТО, испраќајќи порака до новото раководство на Северна Македонија.
Тој уште минатиот месец најави дека има намера да го отвори прашањето за непочитување на Договорот од Преспа на Самиот на НАТО, ако новото раководство на РСМ продолжи да го крши договорениот опсег за употреба на уставното име на државата, ерга омнес.
Договорот од Преспа, Грција и Македонија го потпишаа на 17 јуни 2018 година во Нивици.
