Економија, финансии, бизнис

Контакт

Професор ВАСИЛЕВА: Грешките во образование чинат скапо, да не се носат избрзани реформи!

Професор ВАСИЛЕВА: Грешките во образование чинат скапо, да не се носат избрзани реформи!

Средношколците на определено време се спасија од една од најкритикуваните реформи-наставната програма по Кембриџ, но сеуште во образованиот процес остануваат отворени прашањата кои се придобивките, а кои се аномалиите на оваа програма. Во основните училишта истата се спроведува веќе три години но досегашните искуства на децата, родителите и наставниците покажаа дека простото пресликување туѓи системи на домашниот образовен терен може да даде проблематичен ефект, а наставниот материјал што се нуди мора да биде во согласност со фазата на образовен развој на ученикот.

Одделенската наставничка Марина Василева за Фактор вели дека секое дете има индивидуално темпо на развој, па оттука мора да се внимава дали со оваа програма се стимулира механичко учење наместо учењето по пат на увидување согласно со степенот на когнитивниот  развој.

“Јас бев дел од групата наставници  кои беа вклучени од  самиот почеток на реализација на програмата. Дадовме забелешка да се почне со реформата  само во првите одделенија,  па етапно во повисоките одделенија. Требаше етапно да се влезе во целата програма бидејќи се јави празнина на пример кај третооделенците. Имавме и проблеми со учебниците и вокабуларот на зборови кои се користени во нив. Програмата ја презентираа професорите од Англија, навистина воведуваше експериментални методи, дополнително училиштата требаше да воведат дидактички средства и помагала за наставниците и учениците. Но само делумно беше реализирано она што се очекуваше како поддршка за да биде квалитетно реализирана програмата. Наставниците имаат начин и речник на кое ниво може да ги едуцираат учениците, според нивната возраст. На тоа ниво децата не можат да примат и разберат апстрактни поими. Ако сакаме настава во која нивото на квалитетот ќе  го качиме повисоко на разбирање на материјата,  а не само просто репродуцирање на дефиниции и знаења, сметам дека требаше да се вклучат повеќе учители кои ќе го дадат своето мислење во соработка со   советниците за да се направи квалитетен линк помеѓу новата програма која се воведува и учебниците. МОН имаше ингеренции врз учебниците, а Бирото за развој на образование ги спроведуваше обуките” – објаснува Василева. 

Од 2014 година учениците од прво, второ и трето одделение почнаа да учат математика и природни науки според адаптираните наставни програми од Кембриџ.  Дел од стручната јавност реагираше дека новата Кембриџ-програма воопшто не ги следи главните психолошки фази на развој и се форсираат конкретни операции со собирање и одземање за деца од 5 и пол или 6-годишна возраст, кои не се во состојба да ја сфатат конкретната операција. 

“Од аспект на учител сметам дека  кога се воведува нова реформа во образованието  можеби е подобро да оди како пилот програма во одредени  избрани училишта, па да се направи анализа за да се видат придобивките со што ќе се компарира со она што го имаме ние како образовен систем, па потоа етапно да почне да се применува. Скапо не чинат  грешките  во чекори кои ги правиме. Идејата била добра, желбата за подобрување на квалитетот на наставата е за почит, но начинот на кој се реализираше покажа во пракса незадоволство кај наставниците, родителите а да не зборуваме за учениците кои не беа ниту прашани. Затоа во иднина не треба да правиме брзи одлуки за која и да е следна реформа.  Она на што наидовме на почетоците е недостаток на дидактички помагала, не може да зборуваме за магнети аако има еден магнет за три одделенија, или за струјно коло ако има само една сијалица и ние мора од нашите скромни плати да купуваме за да може да им прикажеме низ примери на учениците. Наствниците дадоа се од себе, но недостасуваше поддршка за часот да се реализира како што треба и да се имплементира оваа програма”- објаснува одделенската наставничка.  

Василева смета дека треба да се зголеми бројот на наставници кои ќе имаат можност да понудат свое видување како треба да изгледаат учебниците преку  поширока дебата.

“Дебата е неопходна  но не само тоа да биде про- форма колку да се запише учество на одредени наставници  дека присуствувале на дебата. И да не се замолчуваат оние кои ќе критикуваат бидејќи кога некој наставник ќе критикува тоа не значи дека ја омаловажува моменталната влада. Ние сакаме за доброто на децата да биде поквалитетно образованието кое го нудиме. Мислам дека требаше да  се размислува за пилот училишта кои најмалку три години би работеле на етапно внесување на реформите. Пилотирањето не е губење време, напротив се добива однапред во квалитетот што ќе се спроведе како програма”- потенцира Василева. 

Дополнително според неа многу сериозно треба да се работи на охрабрување на наставниот кадар за  слобода во  внесување на  креативни идеи на часовите, а не само слепо следење на предвидените програми и наставни планови.  

“Потребно е да се почувствува слободата кај наставниците дека не се врзани само за учебникот. Инспекциските служби бараат и се водат строго според подготовката и ако си дозволиш луксуз да го смениш часот ако видиш дека дел од учениците не го совладале она градиво  што е предадено, веднаш инспекторот  те лимитира дека не работиш според наставната програма и  мора да се водите според напишаното. Инспекциските служби, Бирото за образование и ресорното министерство треба да работат  на воспоставување на линк за подобрување на квалитетот на наставата. Ако им се даде слободата на наставниците ефектите ќе бидат многу големи”- вели Василева. 

Според неа потребно е релаксирање на административните обврски и поголема транспарентност од страна на институциите и инспекцискиот надзор кој ќе обезбеди пристап за јавно достапни анализи. Генерациски како што вели реформите ја изгубија вредноста на наставата, а сепак има голем број ентузијасти и наставници кои си ја сакаат професијата. 

Бирото за развој на образование потенцираше дека главни карактеристики на адаптираните предмети математика и природни науки е спиралната наставна програма, каде што учениците учат одредена тема, но подоцна во наставата се навраќаат на истата тема и повторно ја изучуваат на повисоко ниво и во поинаков контекст. Исто така, според Бирото, програмата се карактеризира со научни истражувања со цел учениците да се насочат на „вистинскиот пат“ за да станат идни „научници“, а како карактеристика се земени и „решавањето на проблеми“ – учениците многу лесно ќе научат дека математиката и природните науки се важни и ќе им помогнат во решавање на проблемите во секојдневниот живот.

С.Б.

Слично

Поврзани вести