Актуелните градоначалници на Карпош и на Аеродром, Стефан Богоев и Златко Марин, кои не ја добија поддршката од својата партија за да трчаат за довербата на граѓаните од редовите на СДСМ за уште еден мандат за општините со кои раководат, им честитаа на новите кандидати потврдени од партијата, Душко Весковски и Александар Филиповски за номинацијата, ппотенцирајќи дека заеднички со нив ќе се борат за освојување на победата.
За разлика од нив, пак, актуелниот градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски, се досега се уште нема упшатено честитки до неговиот партиски колега Горан Сугарески.
Јованоски денеска објави за увид кој заедно со министерката Мила Цароска во реконструкцијата на Гимназијата „Мирче Ацев“, како и во изградбата на спортската сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“.
„Преку проектот на МОН „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и реконструкција на средни и основни училишта“, се врши рехабилитација на прозорци, фасада, санитарии и подови во Гимназијата „Мирче Ацев“. Во полн ек се градежните работи и на спортската сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, каде после 60 години од основањето на училиштето, учениците конечно ќе можат наставата по физичко образование да ја изведуваат во современа сала, опремена со сите неопходни спортски реквизити. Заедно со министерката Царовска констатиравме дека сите основни и средни училишта во нашата општина се спремни за почеток на наставата со физичко присуство на учениците, со максимално запазување на сите мерки и протоколи пропишани од страна на Комисијата за заразни болести“, напиша Јованоски на фејсбук профилот.
Честитка до Сугарески се уште не е упатена.
Неофицијално, нему не му е сеедно што не ја доби кандидатурата од партијата, дотолку повеќе што, според одредени извори, анкети покажувале дека барем еднакво добро стои со Сугарески.
Сугарески, пак, се заблагодари за искажаната поддршка до партијата и граѓаните.
„Свесен сум дека преземам огромна одговорност и дека влегувам во најважната политичка битка во мојот живот. Доаѓа време кога целото мое искуство, стекнато знаење и вештини, ги посветувам исклучиво на мојот роден град, на Прилеп и на прилепчани. Од денеска па натаму, ценети мои сограѓани, официјално и практично се соочуваме со предизвикот на претстојните локални избори заедно да оствариме голема и сенародна победа, во која сите ќе се вградиме и со која ќе се гордееме. Победа ЗА СИТЕ, победа НА СИТЕ! Борбата за Прилеп секогаш била и ќе биди поголема од партиската, етничката, верската или било која друга припадност. На Град Херој како Прилеп, единствено така и му приличи. Никако поинаку. Почитувани мои сограѓани, Јавно се обврзувам дека нема да делам, туку ќе обединувам. Дека немам предрасуди спрема никого. Дека ги препознавам и почитувам разликите. Дека искрено ја почитувам конкуренцијата и дека сум подготвен секоја добра идеја да ја интегрирам во мојата изборна Програма. Бидејќи мојата цел е да бидам градоначалник на, без исклучок, сите граѓани на општина Прилеп“, напиша на фејсбук Сугарески.
Додека, пак, Златко Марин му честиташе на Филиповски, објавувајќи голем број фотографии со него, каде двајцата се прегрнати и се видливо расположени.
„Честитки другар. Продолжуваме заедно за уште поголема победа во нашиот Аеродром. Шампионите продолжуваат заедно“, напиша Марин на фејсбук. Тој синиоќа со жителите на булевар АСНОМ ги презентирал сите проекти реализирани во овој дел од Аеродром, и тоа - моментално интензивно се гради мостот што ги поврзува Аеродром и Гази Баба, реновиран булевар „АСНОМ“; реновирано училиштето „Ѓоргија Пулевски“; изграден лифт за деца со попреченост; реновирана градинката „Срничка“, како и бројни други проекти.
„Имаме најдобри проекти, најдобра понуда, најдобар концепт и визија. Продолжуваме да работиме заедно со граѓаните, заедно да креираме мерки и политики што гарантираат развој и напредок и подобар квалитет на живот за сите“, пишува Златко Марин.
Искрени честитки до Душко Вескоски, пак, упати актуелниот прв човек на Карпош, Стефан Богоев.
Сепак, тој не пропушта во постот на фејсбук да каже дека бил убедливо прв на анкетите.
„Верувам дека Дуле нема да отстапи од програмските определби за заштита на животната средина, планска и хумана урбанизација (дисперзирање на градбата од урбаното јадро кон периферијата), заштита на јавниот простор, интензивно одржување на јавната хигиена. Впрочем, заедно, за овие цели се залагавме и во кампањата за локалните избори во 2017 година. Посакувам Карпош и следната година да биде најтранспарентна општина и државна институција, затоа што само тоа е одраз дека корупцијата се искоренува, а граѓаните се дел од носењето на одлуките.
Уште пред неколку месеци, пред раководството на партијата посочив дека немам амбиција за втор мандат во Карпош. Се договоривме да преземам одговорност во централната власт, но во овој момент се фокусирам на успешно завршување на градоначалничката позиција.
Во најголема мера ова е моја лична одлука, иако на анкетите (членство/јавност) бев убедливо прв, со сигурна победа во првиот изборен круг. Зошто оваа одлука? Затоа што иако сум млад, не се водам од таков тип на емоции и еуфорија за изборна победа. Не поаѓам секогаш од себе и знам дека СДСМ ќе нижи уште многу успеси и победи во Карпош. Затоа што сметам дека Карпош е повторно на здрави нозе; финансиски стабилизирана општина; ја вративме довербата во локалната самоуправа; урбанизацијата е во одреден колосек; направивме нови градинки, маалски паркови, ги подобривме условите во основните училишта...
Да, има и нереализирани или делумно реализирани проекти (реконструкција на салата „Партизан“, продолжување на паркот кон бунарите на р.Лепенец, изградбата на базенот). Ова се проекти, за кои до последниот ден од мандатот ќе работам на поинтензивна реализација.
Имам енергија, искуство и знаење успешниот пример од Карпош да го пренесам и во друга институција. Со тим на луѓе, програма за работа и зацртани цели може да продолжиме да ги менуваме работите.
Еден лик не ја прави општината. Таа е мозаик од секој еден службеник/службеничка. И не сметам дека треба трагично да се сфаќа оваа одлука. За жал, како држава губиме многу време на калкулации и прогнози каде ќе продолжи нечија кариера. Не е „крај на свет“ ако не сакаш да се кандидираш за втор мандат, за градоначалник, премиер, претседател и сл. Здраво е, нормално е. Важно е да создаваме систем, кој нема да подлежи на сериозни промени при политичките и персонални ротации.
Јас ќе бидам дел од кампањата за локалните избори и со сите сили ќе се вложам за убедлива победа на СДСМ во нашиот Карпош.
Продолжуваме заедно!“, напиша на својот профил Стефан Богоев.