Маричиќ: Ситуацијата со Украина е добра можност да се забрза процесот на проширувањето на ЕУ
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 рече дека за Македонија е добро тоа што земји членки на ЕУ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изразија недвосмислена поддршка за Украина да стане членка на Европската унија.
- Европската унија треба да влезе похрабро во политиката на проширување и проектирање на членството на државите од Западне Балкан. Мислам дека свеста во тој дел се менува. Ние се покажавме како доверлив партнер, ги превземавме сите чекори што ги превземаа и државите-членки на ЕУ.
Ова е добра можност да се забрза процесот. Оваа ситуација на долгогодишно чекање не им оди во прилог ниту на ЕУ ниту на нас. Кредибилитетот со тек на време опаѓа, изјави вицепремиерот.
Во однос на агресијата на Русија над Украина, Маричиќ рече дека земјата е подготвена да прими бегалци.
- Ние се уште не сме примиле, но имаме капацитети кои што се подготвуваат. Ние ќе направиме се што е во рамките на нашите можности. Имаме искуство од 1999 и од сега со бегалската криза. Ако продолжи војната со овој интензитет секако дека ќе има многу бегалци и жртви, рече тој.
