Маричиќ: Објавен конкурс за 70 службеници во Јавното обвинителство
Министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на прашање за тоа како оди имплементацијата на новиот закон за Јавно обвинителство кој стапи на сила во јуни годинава и со кој се регулира работата на поранешното СЈО, рече дека на почетокот од овој месец е објавен конкурс за вработување на 70 нови службеници во ОЈО.
- Законот овозможи продолжување на започнатите предмети на СЈО и во тој дел можеме да речеме дека законот се имплеменитира. Се постапува секојдневно по случаите на СЈО, се одржуваат рочишта по овие предмети, а за дел од нив веќе има и пресуди. Но, тоа е само еден аспект или една добра вест која ја донесе новиот Закон за јавното обвинителство. Преку законот, суштински ќе се подобри работата на обвинителството и ќе се овозможи поефикасна борба против криминалот и корупцијата. Се зајакнуваат капацитетите на Основното јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција – објавен е конкурс за пет обвинители. Од март годинава, истражните центри се целосно оперативни и функционираат, бидејќи се многу значајна алатка во борбата против криминалот. Овој месец започна конкурс за 70 нови службеници во Јавното обвинителство. Се надевам дека ќе се зголеми буџетот за обвинителството и судството за наредната година, гласи одговорот на Маричиќ во интервјуто за „Независен“.
На 30 јуни престана да важи законот за Специјалното јавно обвинителство и стапи на сила новиот Закон за Јавното обвинителство кој беше донесен пред самораспуштањето на парламентот. Тогаш двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ никако не успеваа да се договорат околу законот, но на крајот беше донесен со двотретинско мнозинство.
Со нивиот Закон се гарантира дека постапките покренати од СЈО продолжуваат, а предметите од надлежност на СЈО се распоредуваат по јавните обвинителства на понатамошно гонење.
Согласно членот 110, незаконски прислушуваните разговори нема да може да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен Суд до 30 јуни 2017 година. Прислушувани разговори за предметите покренати по 30 јуни, може да се користат само како индиции.
Меѓу другото, со примената на новиот закон за ЈО, Советот на јавните обвинители ќе треба да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
