Маричиќ: Неприфатливо барањето на Мицкоски за јавен обвинител на предлог на опозицијата
Бојан Маричиќ, министерот за правда, на денешната прес-конференција рече дека нема да биде прифатено барањето на Христијан Мицкоски кој на вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ побара независен јавен обвинител да се предложува од опозицијата. Новиот министер рече дека опозицијата веќе имала таква прилика, но дека шансата ја прокоцкале.
- Ние имавме ваква идеја промовирана уште пред неколку години, но за жал опозицијата имаше неконструктивен однос кон соработката во клучните процеси во изминатите неколку години. Дури во еден момент се откажаа од таа идеја, а имавме прилика кога се создаваше Законот за јавно обвинителство да најдеме заедничко решение за обвинителот за висока корупција и организиран криминал, но и тогаш не се договоривме. Принцип е политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите и тоа го утврдивме во Законот за јавно обвинителство, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека за промена на процедурата за избор на гавен обвинител е потребна промена на Уставот со двотретинско мнозинство, но дека за тоа во моментов не е време да се чепка во конститутивниот акт и дека актуелниот јавен обвинител е независен во своето работење.
