Маричиќ: Ковачевски ја има поддршката од раководството на СДСМ
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, во најновото издание на „360 Степени“, демантираше дека постојат структури кои во СДСМ работат на уривање на премиерот Димитар Ковачевски.
Тој нагласи дека во СДСМ немало формален состанок во присуство на поранешниот премиер и партиски лидер Зоран Заев, на кој се дискутирало за уривање на Ковачевски и формирање на широка влада со ВМРО-ДПМНЕ без ДУИ.
- Мислам дека претседателот Ковачевски ја има целосната поддршка на целото раководство на партијата. Има јасен план што го претстави уште при изборот за претседател и премиер, за одржување на мнозинството и владиниот мандат до крајот, до средината на 2024 година и избори во редовен термин. Во меѓувреме, има многу обврски поврзани и со имплементација на договореното со Европската Унија, францускиот предлог и со реформите и менаџирање на кризата. Нашиот фокус е на тоа и во моментот нема поинаква одлука ниту, пак, има изгледи за таква одлука, изјави секретарот за меѓународна соработка во владеачката партија.
Според него, делење на власта со ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, по брзи избори кои би се случиле напролет, е „нефункционална и непрактична идеја“.
