МАРИЧИЌ ИМА СТАН И КРЕДИТ, КОСТАДИНОВСКА ДЕПОЗИТ И КРЕДИТ, НИКОЛОВСКИ КУЌА И СТАН - што откриваат објавените имотни листови
Вицепремиерот Маричиќ, од заеднички имот има стан од 65 метри квадратни во Скопје, од 3,6 милиони денари, кој е наведен како заеднички имот, стекнат со договор за купопродажба, а располага и со моторно возило Цитроен од 180 илјади денари. Како имот на деца има два девизни депозити од по 1.100 евра, како и денарски депозит од 15 илјади денари. Како заеднички имот, пак, Маричиќ пријавил кредит од три милиони денари.
Додека бил министер за правда, пак, Маричиќ го имал истиот имот, со тоа што од сегашнава состојба разликата е што тогаш имал еден кредит повеќе, од 200 илјади денари.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска беше пратеничка претходно, но нејзиниот анкетен лист е токму новиот, односно имотот кој го пријавила како министерка за одбрана. А, од имот министерката Петровска има само два кредита и една кредитна картичка. Сите тие се водат како личен имот, и тоа првиот кредит од 250 илјади, вториот од 600 илјади и кредитната картичка од 159 илјади, при што тие се најверојатно во денари, иако не е точно наведено во каква валута се заемите на министерката Петровска.
Објавен е и новиот анкетен лист на новата министерка за култура Бисера Костадиновска Стојческа, која исто така беше поранешна пратеничка. Таа како личен имот има моторно возило Сузуки од 366 илјади денари, кое си го купила. Од заеднички имот има депозит од 600 илјади, најверојатно денари, иако тоа не е наведено, стекнат со договор за подарок, како и уште еден депозит, кој е заеднички имот, од 470 илјади, исто така не наведено во која валута. Таа има и долгови, односно кредит од 427 илјади денари, како и кредитна картичка од 180 илјади денари, и сите тие се нејзин личен имот.
Интересно е да се види имотот кој Костадиновска го пријавила порано како пратеничка, од што произлегува дека таа била многу побогата како народна избраничка, отколку како министерка за култура. Но, тогаш Костадиновска имала главно имот на родители, и тоа две куќи, стан, гаража и помошни простории, во Битола, а од личен имот и тогаш го имала пријавено Сузукито, девизен депозит од 3.000 евра, како и кредит од 310 илјади денари, но и кредитна картичка од 78 илјади денари.
Кај сегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, пак, неговиот имотен лист се уште е стар, односно ова е имотот што тој го поријавил кога станал вицепремиер за борба против корупцијата, што значи дека ние како јавност не знаеме како во текот на минатиот период се променила неговата имотна состојба. Тоа ќе биде познато кога ќе биде објавен новиот анкетен лист на Николовски како министер за земјоделство.
Истото ова ќе важи и за другите министри за кои веќе постојат анкетни листови, но датираат од времето кога тие стапувале на нивните претходни функции.
Николовски има од личен имот куќа во Крива Паланка вредна 1,5 милиони денари, стекната со наследство, како и стан од близу еден милион денари, исто така во Крива Паланка, стекната со договор за подарок. Од личен имот Николовски има и Рено Клио од околу 800 илјади денари кое си го купил, а во една од македонските банки има и девизна штедна книшка од 47.240 евра и 2.500 американски долари, кои ги има од март 2020 година и кои се стекнати на друг начин.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска има анкетен лист како поранешна в.д. директорка на Државниот инспекторат за труд, што значи дека и за неа се уште го нема новиот анкетен лист.
Таа од заеднички имот има стан во Струмица од 86 метри квадратни, вреден 1,85 милиони денари, добиен како наследство, како и заеднички имот куќа за одмор во Струмица од 308 илјади денари, стекната со договор за купопродажба. Од заеднички имот има кредит од 300.000, при што не е наведено дали станува збор за денари, евра или долари.
Н.Н.Ф.
