Маричиќ даде свечена изјава: Почнувам ново професионално поглавје како претседател на Државната изборна комисија
Новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) денеска даде свечена изјава пред собранискиот претседател Африм Гаши.
Новиот состав го сочинуваат Бојан Маричиќ, претседател на Комисијата, Абдуш Демири, потпретседател, и членовите Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху. Претседателот на ДИК, Маричиќ, во името на сите членови се заблагодари за двотретинската поддршка од сите 83 пратеници што гласале за нивниот избор.
„Со денешното давање на свечената заклетва започнувам ново професионално поглавје како претседател на Државната изборна комисија, со целосна посветеност кон одговорностите и обврските што ги носи оваа јавна служба. Во мандатот што претстои, Државната изборна комисија ќе продолжи да биде столб на изборниот процес, обезбедувајќи неговата законитост, транспарентност и непристрасност. Нашата обврска е да го развиваме капацитетот на стручната служба, да ја зголемиме довербата кај граѓаните и да го зајакнеме угледот на институцијата како гарант на демократските вредности и изборните стандарди. Благодарност до пратениците за укажаната доверба и до политичката партија што ја поддржа мојата кандидатура за претседател на Државната изборна комисија. Честитки и до колегите, старо-новите членови на Државната изборна комисија за новиот мандат, со кои верувам дека заеднички ќе дадеме придонес со професионален и посветен пристап, а во интерес на граѓаните и унапредување на демократските принципи и стандарди. Работата на Државната изборна комисија нека донесе успех и демократски развој за целото општество“, пишува тој на Фејсбук.
Маричиќ информира дека денеска од спикерот Гаши биле поканети и прифатиле да учествуваат во работната група за Изборниот законик за, како што посочи, да придонесат новиот законик да е поквалитетен.
Државната изборна комисија е составена од седум члена – претседател, потпретседател и пет други члена, со право на повторен избор.
фото Фејсбук/Бојан Маричиќ
