МАНУ: Aргументацијата на Македонија во разговорите со Грција треба да се заснова на два основни постулати
Претседателот на МАНУ, Таки Фити во своето експозе на Годишното собрание рече дека Македонската академија на науките и уметностите апелира за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабрува политичките водства на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето и потребата за градење на перспективи за заедничка иднина.
Фити вели дека аргументацијата на Македонија во разговорите со Грција треба да се заснова на два основни постулати.
„Едниот е дека наспроти аспирациите на Грција спорот за името да го димензионира во интернационален, тој според својата природа и суштина е билатерален (досега 137 земји не имаат признаено под уставното име) и за него се преговара под покровителство на ООН, што е гаранција дека мораат да бидат почитувани нормите и стандардите на ООН за меѓународниот статус на државите и човековите слободи и права. Другиот е дека предмет на расправа е само и единствено името, односно надминување на разликата за името на државата, а не и други прашања, особено не и идентитески прашања кои влегуваат во сферата на елементарни човекови права и за кои не се преговара“ - вели Фити.
Додава дека никој нема легитимно право да преговара за прашањето за националниот идентитет на македонскииот народ, за името на македонскиот јазик, за промената на Уставот на Република Македонија и за други прашања што навлегуваат во нашиот идентитет.
„Предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница, да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот, македонски исто така да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни и неодржливи. Тие суштински гледано навлегуаат во идентетските прашања и според тоа за нас се комплетно неприфатливи“- рече Фити.
За позицијата на Република Грција едно име за сите употреби (erga omnes) не треба да се разговара бидејќи, како што рече, тоа не е предвидено ниту со Резолуцијата 837, ниту со Законот за ратификација на Привремената спогодба.
