Манојловски од ДУИ побара легализација на хомосексуалните бракови
Бранко Манојловски, пратеникот на ДУИ, на денешната расправа во собраниската комисија за политички систем иако не беше воопшто точка на дневен ред посочи дека и Македонија треба да ги легализира хомосексуалните бракови затоа што многу земји во светот примениле таква мерка, како основно човеково право.
На неговото барање реагираше пратеникот на движењето Беса, Африм Гаши, кој изјави дека брак меѓу хомосексуалци за Движењето Беса е неприфатливо.
„Јас протестирам и секогаш ќе се спротивставиме кога во Македонија ќе се прокламира друга вредност и спротивно на нашите вредности. Убеден сум дека во Македонија сите заедници прокламираат семејни вредности.“ – изјави Африм Гаши, пратеник на Движењето Беса
Против пратеникот на ДУИ за геј бракови е и ВМРО-ДПМНЕ, а од СДСМ не реагираа на ставовите на Манојловски бидејќи расправата не беше за таа тема.
