Маневски: Заев има негаторски однос кон се што е направено во правосудството
Поранешниот министер за правда Михајло Маневски ги критикува најавите на премиерот Заев за промени во правосудството кое наместо да донесат реформи се во негова лична корист.
- Мислам дека се тоа оди во една линија на рушење на она што досега е создадано и некој мисли дека светот почнува со него, дека тој со еден негаторски однос кон се досега што е сторено ги покажува сопствените слабости и сопствените неспособности. Целиот систем и правосудниот и стопанскиот еволуираат, напредуваат, тоа што досега е сторено никој не може да го стави во папка да го поклопи и да каже, извинете ние сега ќе почнеме од буквата А. Тоа е израз на една би рекол неспособност на еден човек кој што сака да манипулира и кој што сака одредени состојби да ги држи под контрола во функција на неговите политички интереси, а зошто не и лични интереси. Затоа што личните интереси преовладуваат во случајот да се заврши случајот Пуч, така како што се заврши после 10-11 одложувања. Беше очигледно дека Катица Јанева ќе го полече тоа обвинение, мислам дека таа судбина се очекува и за наредниот случај Поткуп, за кој што мислам дека во текот на утрешниот ден е закажано судењето и да се надеваме дека ќе се одржи после 11 одложувања, поради причини кои што немаа законска основа, изјави Маневски во интервјуто за Алфа.
Инаку Маневски додека беше министер за правда беше на мета на критики дека премногу се меша во правосудството и реформите кои тој тогаш ги спроведе не дадоа позитивни ефекти, туку се смета дека доведоа до криза на правниот систем во државата со судство и обвинители кои се под политичко влијание на ВМРО-ДПМНЕ.
