МАНДАТ ЗА СОСТАВУВАЊЕ НА ВЛАДА: Претседателката Силјановска-Давкова ќе го додели идната недела
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова идната недела ќе го додели мандатот за состав на новата влада. Рокот за доделување на мандатот за состав на влада истекува на 7 јуни.
Од Кабинетот на Силјановска Давкова за МИА ја потврдија информацијата. Во согласност со Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, треба до Собранието да го достави составот и програмата на владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Новиот собраниски состав беше избран во вторникот на конститутивна седница. Истиот ден за претседател на Собранието беше избран Африм Гаши.
