Економија, финансии, бизнис

Контакт

Манчевски во Брисел: Парламентарното мнозинство ќе ги продолжи демократските процеси

Манчевски во Брисел: Парламентарното мнозинство ќе ги продолжи демократските процеси

Потпретседателот на СДСМ и пратеник, Дамјан Манчевски вчера присуствуваше на заедничкиот состанок на пратеници од Европскиот парламент, каде беше и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, како и македонскиот амбасадор во ЕУ, Андреј Лепавцов.

Манчевски ја пренел одлучноста на парламентарното мнозинство да ги продолжи демократските процеси и да обезбеди евроатлантски перспективи за граѓаните и за Македонија.

На состанокот, еврокомесарот Хан случувањата во Собранието на Македонија минатиот четврток ги оцени како незамислив акт на насилство и побара да се најдат извршителите и да изведат пред лицето на правдата, информираат од СДСМ. 

„Еврокомесарот Хан го поздрави изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и истакна дека следен чекор е избор на реформска Влада којашто ќе биде ориентирана кон исполнување на итните реформски приоритети, што ќе отвори пат за отворање на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ“ - соопшти СДСМ.

За време на посетата на Брисел, Манчевски остварил и билателарни средби со европратениците Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан, Иво Вајгл, Виктор Боштинару, Јенс Нилсон, Тонино Пицула, како и со европратеникот и претседател на Партијата на европски социјалисти, Сергеј Станишев.

Тие изразиле поддршка на продолжувањето на демократските процеси и формирање на новата реформска Влада, како и силните заложби на мнозинството кон евро-атлантските интеграции. 

Слично

Поврзани вести