Манчевски доставил до Антикорупциска комисија список на вработени роднини од опозицијата
Дамјан Манчевски, министерот за администрација и информатичко општество, денеска покрај другото на прес-конференција обелодени дека до Комисијата за спречување на корупција е доставен список од илјадници имиња на блиски и роднини кои биле своевремено вработени од опозицијата.
Ова следува како одговор откако Антикорупциската комисија отвори 18 предмети за вработени блиски од своите семејства на пратеници, министри, директори и градоначалници во други државни институции.
- Проблемот може ургентно да се реши само ако се повлечат роднините на функционери од власта, но и од опозицијата. Денеска, а верувам и утре медиуми ќе продолжат да објавуваат дека тие ќе се повлекуваат од своите работни места. Нагласувам, многуте илјадници од опозицијата да се повлечат. Сите податоци и за едните и за другите ги доставивме до Државната комисија за спречување на корупцијата - рече Манчевски.
Ова го нагласи, одговарајќи на новинарско прашање за тоа до каде е анализата што премиерот Зоран Заев ја најави дека ќе се изготвува за можни непотистички вработувања.
Додаде дека треба да се расчисти со непотизмот и на претходната власт, иако таа е во опозиција веќе година и пол. Министерот смета дека сега треба да се расчисти и со тие вработувања, бидејќи никој од тогашните владини функционери не реагирал, ниту пак имало функционална антикорупциска комисија.
Досега најавено е дека од своите работни места се повлекуваат мајката на Костадин Костадинов, синот на Горан Мисовски и дедото од страната на сопругата на Александар Кирацовски. Станува збор за тројца пратеници, од кои првиот е портпарол, а третиот секретар на СДСМ.
Засега нема одговор од пратеничката Мира Стојчевска, министерот Асаф Адеми и претседателот на Собранието, Талат Џафери, додека Крешник Бектеши од ресорот економија наведе дека неговата сестра нема да се повлече од АД МЕПСО.
