Манчевски: Ако го дофатеа Села, го удираа со боксови ако не, со што ќе стигнат
Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски во своето сведочење денеска пред судот препозна двајца обвинети кои го удирале пратеникот Зијадин Села, а за останатите вели дека биле на различни страни во собраниската прес-сала на 27 април лани.
Манчевски пред судот рече дека кога некој извикал дека Села е мртов, дел од присутните почнале да слават.
„Врзуваа кабли околу вратот за да ни испратат порака дека ќе ни се случи истото. Не се сеќавам на активностите врз Села, но се сеќавам на тоа дека дел од присутните овде ме удираа мене“- рече Манчевски.
Тој пред судот појасни дека биле предмет на напади и закани на агресивната толпа. Толпата удирала со тупаници, и Манчевски завршил со скршен нос.
„Удираа со што ќе стигнат, со раце, столици, камери, монитори и тоа траеше околу два и пол часа. Ако го дофатеа Села, го удираа со боксови ако не, со што ќе стигнат"- сведочеше Манчевски.
Манчевски рече дека го видел Села повреден и со крв,а слушнал закани за Заев и за Села.
