МАЛКУ НА БРОЈ, НО СО ДЛАБОКИ ЏЕБОВИ – еве колкави се платите во Регулаторната комисија за домување
Вработените во Регулаторната комисијата за домување се меѓу малкуте државни службеници, или вработени кои добиваат солидна плата. Иако генерално лицата кои се дел од ова тело остануваат анонимни за јавноста, сепак, од самото основање на ова тело нивните плати биле меѓу попримамливите.
Последниот извештај на комисијата испратен до Собранието за сработеното во периодот од први јули до 31 декември 2025 година покажува дека вработените во комисијата, но и членовите на комисијата може да се пофалат со плати кои надминуваат илјада евра по човек.
Според податоците доставени во овој извештај, вработени се три лица, од кои две како административни службеници, и едно како техничко лице. Уште три лица се дел од комисијата, двајца членови и претседателот на комисијата, претодно беа четворица членови.
Податоците покажуваат дека шест лица годишно делат сума која надминува шест милиони денари (6.095.800 денари), или 99 илјади евра. Грубите пресметки велат дека тројцата вработени во комисијата, плус тројцата членови на комисијата, имаат примања кои се приближуваат на 1.500 евра. Имено, ако сумата се подели подеднакво меѓу сите шест лица, секој од нив би добивал по 1.376 евра месечно нето плата. Трошоците за придонеси не влегуваат во оваа пресметка.
Сосема очекувано е дека не сите добиваат еднакви плати, и дека со систематизацијата на работните места, раководителите имаа многу повисоки примања, отколку оние на пониски позиции.
Во извештајот е посочено дека заклучно со минатата година, од предвидената сума за плати, искористени се 87,77 отсто од средствата.
Што се однесува пак за придонесите, за оваа ставка се потрошени 2.354.000 денари, и тука реализацијата е 88,32 отсто.
Меѓу останатите повисоки трошоци на комисијата, од одобрените 10 милиони денари од буџетот, се трошоците за комунални услуги. За оваа ставка потрошени се 760 илјади денари. По нив се трошоците за договорени услуги кои достигнале 480 илјади денари. Меѓу повисоките трошоци се и оние за патни и дневни расходи, за што биле потрошени 186 илјади денари,
Во извештајот е посочено дека во периодот од 01 јули до 31 декември 2025 година, во Регулаторната комисија за домување биле одржани дванаесет редовни и повеќе консултативни седници. Во периодот за кој се однесува овој Извештај до комисија за домување пристигнале 300 барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови и барања за мислење.
- Издадена е 1 Лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Донесени Решенија на 4 правни лица за продолжување на Лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Донесено Решение на 1 правно лице за одземање на Лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Вратени Лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради од 2 правни лица. На 2 правни лица истечен е рокот на важност на Лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Заклучно со 31.12.2025г. со дејноста управување со станбени згради активно се занимаваат 63 правни лица– се посочува во нивниот извештај.
Регулаторната комисија за домување треба да се грижи за квалитетно задоволување на станбените потреби на населението, согласно со современите стандарди за квалитетен живот, заштита на животната средина и природата. Оваа комисија врши категоризација на станови и станбени згради, а и ги издава, продолжува и одзема лиценците за управител за вршење на дејностите на управување со станбените згради и води регистер на управители на станбени згради, а има и други наделжности.
П.О.
Фото: Вангел Тануровски
