МАЛА ОПШТИНА СО ВИСОКА ИЗЛЕЗНОСТ: Вевчанци држат лекции за тоа како се гласа
Вевчанци се секогаш расположени за гласање. Тоа се покажа и на овие локални избори, кога во вториот круг на 31 октомври, излезноста беше 81.83 отсто.
Ако се споредат со жителите на другите општини, каде излезноста беше и под 40 отсто, вевчанци држат лекции за тоа како активно да се учествува во изборниот процес и во избор на луѓето кои ќе раководат со локалната самоуправа.
Првиот градоначалник на општина Вевчани Васил Радиноски објаснува дека Вевчани е единствена општина со едно населено место. По оваа специфика таа е уникатен пример во земјава и пошироко и смета дека тоа си носи и свои предности. Вели дека високата излезност по сите политички теории укажува на една добра одлука.
„Во Вевчани постои мотивираност за гласање, по основ на повеќе фактори, дали е тоа партиски, роднински врски и гласањето се доживува како еден натпревар. Престиж е да се одбере кој ќе управува со општината. Има и луѓе кои живеат во други општини, или надвор од државата, а се водат како гласачи на избирачкиот список во Вевчани, и доаѓаат за да гласаат. Во првиот круг од локалните избори имаше луѓе кои не излегоа, а имаше и неважечки ливчиња, што значи дека гласачите бараат трета опција, но во вториот круг бројот на неважечки ливчиња е помал“, рече Радиноски.
Вкупниот број на избирачи во избирачкиот список во оваа мала општина на југозападот од Македонија е 2.075, а гласале 1.698 избирачи. На денот на изборите, до 17 часот, правото на глас го
искористија 75.5 отсто. Тоа беше највисоката излезност во државата во
попладневниот пресек. На овие локални
избори, одзив од над 80 отсто имаше и во Демир Капија. Инаку, на овие локални избори ниска излезност имаше во Пласница, каде
одзивот на избирачи беше 34,65 отсто. Години наназад, во
помалите градови и руралните општини во државата, излезноста на гласачите е
повисока за разлика од градови како Куманово, Битола, Тетово, Гостивар,
Струга.
Сања Атанасовска
фото Википедија
