МАЛ ПРОЦЕНТОТ НА УЧИЛИШТАТА КОИ ДАВААТ ПРЕДНОСТ НА ОНЛАЈН НАСТАВАТА: Квалитетно образование само со физичко присуство
Во анализата што
ја направи тим од Канцеларијата на Народниот правобранител, резултатите
покажуваат дека многу е мал процентот и на основните и на средните училишта кои
даваат предност на онлај наставата. Според истражувањето за ефикасноста на
ваквиот начин на учење кој беше наметнат заради епидемијата со корона вирусот
во второто полугодие од минатата учебна година, само 8 отсто од испитаните
основни и 7 отсто од испитаните средни училишта се изјасниле дека онлајн
наставата има предности, додека останатите се изјасниле дека децата треба да се
вратат на физичка настава.
Во извештајот се наведува дека генералното мислеже и на децата и на нивните родители е дека многу поквалитетна е наставата и има многу подобри ефекти кога се реализира со физичко присуство на учениците. Тоа што испитаниците го наведуваат како недостаток за онлајн наставата е дека само делумно ги задоволува потребите на учениците, дека тоа создавало отпор кај учениците, и главно дека материјалите само биле испраќани електронски без некои посебни објаснувања.
Според анализата на Народниот правобранител, ова се должи пред се поради неподготвеноста на Бирото за развој на образованието кое постои за вакви случаи, но и поради нерасполагање на ИТ ресурси, како и неможност на родителите да им помагаат на децата да учат од дома. Само 11% од наставниот кадар од основните училишта располагал со ресурси и информатички познавања за спроведување квалитетна онлајн настава, а 58 проценти делумно.
-Значајно помал е процентот на училиштата кои одговориле дека наставниот кадар во рамките на конкретното училиште е целосно подготвен од технолошки аспект, како и од аспект на поседување дигитални вештини и компетенции за реализација на квалитетна е-настава, се наведува во анализата, во која е посебно нагласено и дека дури 83% од основните и 68% од средните училишта, имало ученици кои не биле во можност од објективни причини да следат онлајн настава.
Токму затоа, Народниот правобранител бара од БРО да преземе мерки за ревидирање на наставните планови и програми и ако е потребно изработување на скратени наставни програми, кои ќе им овозможат на наставниците поголема флексибилност во спроведувањето, во согласност со избраниот модалитет за реализација на наставата (онлајн/со физичко присуство/или комбинирано). Истовремено, да се преземат мерки за прилагодување на постоечките наставните програми и планови како би гарантирале ефикасен наставен процес за сите ученици од основните и средните училишта, со фокус и кон учениците со попреченост.
А.Б.