Максим Димитриевски постави нов стандард во работењето, реализирани повеќе од 50 проекти за 100 дена мандат
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во првите 100 дена од вториот мандат постави нов стандард во работењето на локалната власт со реализирани повеќе од 50 проекти, но и завршени дел од веќе започнатите од предизборниот процес.
Димитриевски е еден од ретките градоначалници кој за сто дена од мандатот успеа да реализира голем број на проекти од инфраструктура, образование, спорт, социјална заштита итн. На денешната прес-конференција, тој информираше дека завршена е изградбата на улица „АСНОМ“ со тротоари.
„Завршено е со асфалтирање на улиците „207“, „206“, „205“, „204“, „203“, „149“, „146“, „143“ и „145“ во населба Карпош. Асфалтирани се улици во с. Костурник и Агино Село, а исто така асфалтирана е улица „620“ кон с. Проевце од локација Туш. Со бекатон се уредени улиците „Божидар Аџија“, „Боро Соколов“, улиците „33“, „3“ и „52“. Уреден е кракот од улица „Младен Стојановиќ“, крак 1,2 и 3 од улица „Народна Револуција“ и крак од улица „Видое Смилевски Бато“. Уредени со бекатон се и краците 1 и 2 од улицата „Есперанто“. Отпочнавме со подготовка на теренот за изградба на вториот кружен тек на крстосница помеѓу булевар Трета МУБ и булевар Октомвриска Револуција“, изјави Димитриевски.
Во однос на образованието, завршена е целосна реконструкција на кровот на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.
„Целосно е завршена новата енергетско-ефикасна фасада на ОСТУ „Наце Буѓони“. Заменети се старите со нови енергетско-ефикасни ПВЦ прозорци во објектот на ООУ „Магдалена Антова“ во населба Карпош. Заменети се врати и прозорци во централната зграда на ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“. Се реконструираат тоалетите во ООУ „Битолски Конгрес“ - с. Лопате. Во тек е реконструкција на училишна зграда во ООУ „Карпош“- с. Умин Дол, целосна реконструкција на училиштето која предвидува реконструкција на кров, подови и тоалети, нови прозорци и врати, нова енергетско-ефикасна фасада и нов систем за греење. Партерно се уредува училишниот двор и се гради нова ограда во СОУ „Перо Наков“ или економско училиште. Исто така, во тек е поставување на нов систем за греење во училишната спортска сала и набавени се 7 смарт-табли, 200 столчиња и 100 клупи, како и 97 компјутери за опремување и модернизација на кабинетите по информатика во матичниот и дисперзираниот училиште на паралелките за албански јазик. Поставена е пристапна рампа и извршена е адаптација на тоалет за лица со попреченост во ООУ „Вук Караџиќ“, следува изградба на нова енергетско-ефикасна фасада. Набавени се 82 интерактивни (смарт) табли, помошно-технички помагала и опрема за спортски сали, за потребите на основните училишта во Општина Куманово“, потенцираше Димитриевски.
Димитриевски посочи дека завршена е реконструкцијата на кровот на градската спортска сала.
„Завршено е новото мултиспорт игралиште во дворот на ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“, како и новото мултиспорт игралиште со тартан подлога во с. Клечовце. Завршени се нови мултиспорт игралишта со тартан подлога во Агино Село и во с. Романовце. Во тек е изградба на ново мултиспорт игралиште со тартан подлога во с. Пчиња“, рече Димитриевски.
Во планот за работа на општина Куманово за следните четири години предвидени се повеќе 800 проекти кои значат подобар квалитет на живот за сите кумановци.
